Го поврзуваа со Вардар, но потпиша за Слован Љубљана

Словенечкиот вицепрвак Слован Љубљана продолжува со засилувањата за следната сезона, а најново име во ростерот е искусниот репрезентативен голман Клемен Ферлин.

36-Годишниот чувар на мрежата потпиша договор до 2028 година и по долг период минат во странство се враќа во словенечкиот ракомет. Ферлин, кој беше понуден и во македонскиот првак Вардар, беше поврзуван и со тимот на Кирил Лазаров, во Љубљана пристигнува од Келце, каде што бранеше во последните две сезони.

„Одлуката да дојдам во Слован не беше тешка. Клубот има јасна визија, амбиции и желба за напредок. По многу години во странство почувствував дека е вистински момент да се вратам дома и со своето искуство да му помогнам на тимот“, изјави Ферлин по потпишувањето на договорот.

Во својата кариера настапуваше за Целје, Горење Велење и Тримо Требње, а интернационалното искуство го стекна во германскиот Ерланген и во полскиот шампион Келце.

Ферлин ќе му се приклучи на Слован на почетокот на подготовките за сезоната 2026/27, во која клубот има високи амбиции како на домашната, така и на европската сцена.

Покрај Ферлин, Слован за новата сезона ги ангажираше и Урош Кнавс, Кирил Самоила, Роко Тривковиќ, Стефан Чавор, Миљан Вујовиќ и Домен Тајник.