Репрезентацијата на Данска не успеа да го освои златото на Европското првенство кое беше одржано во Германија и ќе мора да се задоволи со сребрениот медал.
Данска во финалето по продолженија беше поразена од новиот европски шампион Франција со 33:31.
Матијас Гидсел, кој на континенталниот собир беше избран за најдобар десен бек, но и за најдобар стрелец заедно со Мартим Кошта, не го криеше разочарувањето.
,,Многу сме разочарани….Франција одигра неверојатно во текот на целиот натпревар. Ние направивме многу грешки во првиот дел, но и покрај тоа имавме предност. Во второто полувреме почувствував дека натпреварот е наш, посебно кога имавме три гола предност, но на крај не ја задржавме стекнатата предност, репрезентацијата на Франција одигра моќно во завршниот дел”, изјави Гидсел.
Десниот бек заедно со своите репрезентативни колеги следниот предизвик на големите натпреварувања ќе го имаат на ОИ во Париз.