Германија и Холандија распоредија уште шест селекции како „домаќини“ на СП 2025

На помалку од една година до стартот на СП 2025 во женска конкуренција, домаќините Германија и Холандија распоредија уште шест репрезентации по групите, очекувајќи голем број навивачи од тие држави.

Германија ќе ги игра своите натпревари во Штутгарт во „Порше Арена“ (група Ц), додека Холанѓанките ќе бидат домаќинки во Ротердам во „Ахој Арена“ (група Е).

Актуелниот светски шампион Франција, ќе биде дел од групата Ф што ќе се игра во Хертогенбош, а во истиот град ќе игра и Унгарија, но во групата Б.

Данска, која беше бронзена на СП 2021 и СП 2023, своите натпревари ќе ги игра во Ротердам, додека европскиот шампион Норвешка ќе биде во групата во Трир.

Словенија и Шведска, кои допрва треба преку бараж-средбите да обезбедат место на Мундијалот, ќе играат во Трир, односно Штутгарт.

Мундијалот ќе се одржи од 26 ноември до 14 декември 2025 година во пет градови – два во Холандија и три во Германија, а финалниот викенд ќе биде на програмата во „Ахој Арена“ во Ротердам.

СП 2025, домаќини по групи:

група А: Данска (Ротердам)
група Б: Унгарија (Хертогенбош)
група Ц: Германија (домаќин, Штутгарт)
група Д: Словенија (Трир)
група Е: Холандија (домаќин, Ротердам)
група Ф: Франција (Хертогенбош)
група Г: Шведска (Штутгарт)
група Х: Норвешка (Трир)