Фленсбург ја доби битката за младиот Гргиќ

Еден од најперспективните млади ракометари во светот и голема надеж на германскиот ракомет, Марко Гргиќ, одлучи да ја прифати понудата на Фленсбург.

21-годишниот лев бек, кој моментално настапува за Ајзенах, беше посакуван од неколку бундеслигаши, но Фленсбург успеа да ја добие трката за неговиот потпис.

Иако неколку клубови беа подготвени да платат значително повисока сума за негов ангажман уште од следната сезона, Гргиќ остана лојален на својот клуб и реши да го испочитува договорот со Ајзенах пред да се пресели во тимот на Пајовиќ.

Гргиќ има договор со Ајзенах до крајот на сезоната 2025/26, а во редовите на некогашниот освојувач на Лигата на шампионите ќе се пресели во летото 2026 година.

„Марко поседува силен карактер и има вистински ментален склоп. Секогаш се труди да го прикаже најдоброто од себе и мислам дека ќе биде одлично засилување за нас“, изјави тренерот на Фленсбург, Алеш Пајовиќ.

Младиот ракометар своето деби за сениорската репрезентација на Германија го имаше на Олимписките игри во Париз, каде што со своите соиграчи стигна до сребрен медал.