Шведскиот репрезентативец Валтер Кринц и официјално стави крај на својата шестгодишна авантура во редовите на германскиот Фуксе Берлин.
Кринц во Берлин пристигна во 2020 година како еден од најголемите шведски таленти и наследник на искусниот Матијас Захрисон на десната крилна позиција. Сепак, неговата кариера беше обележана од серија тешки повреди.
Првиот тежок удар го доживеа во ноември 2022 година, кога на натпревар од Бундес лигата ги скина предните вкрстени лигаменти и го повреди менискусот. По долгата рехабилитација се врати на терените и беше дел од тимот кој ја освои титулата во Европската лига.
Но, нов малер следуваше во март 2024 година. За време на позајмицата во Потсдам повторно ги скина вкрстените лигаменти по само пет одиграни натпревари. Додека работеше на враќањето, доживеа уште еден шок – третпат ги скина истите лигаменти на коленото, поради што целосно ја пропушти шампионската сезона на Фуксе Берлин.
Во прошталната порака на социјалните мрежи, 26-годишниот Швеѓанец истакна дека, и покрај сите тешкотии, годините минати во германската престолнина ќе ги памети засекогаш.
„Во Берлин дојдов како 20-годишно момче со големи соништа, а заминувам како зрел човек. Овие шест години ми донесоа незаборавни спомени, големи успеси, тешки падови и животни лекции што ќе ги носам засекогаш“, напиша Кринц.
Тој им се заблагодари на клубот, соиграчите и навивачите за поддршката, нагласувајќи дека токму тие биле најголемата сила во најтешките моменти од неговата кариера.
Во моментов не е познато каде ќе ја продолжи кариерата по заминувањето од Фуксе Берлин.

























