Машката младинска репрезентација на Македонија загуби по четврти пат на Европското првенство во Романија. Австрија беше подобра од нашите ракометари со 28-24, а Македонија имаше свои шанси, но не ги искористи.
По овој пораз, без разлика на резултатот од средбата со Летонија, стана јасно дека избраниците на Игор Илиевски ќе одат во разигрување за пласман од 17 до 24 место на Европското првенство.
Голманот Николовски запиша 11 одбрани, а Поповски и Матески имаа по шест погодоци во македонскиот состав. Кај Австрија, Фрич кој доби црвен картон во 40 минута, беше најдобар стрелец со седум гола, а голманот Новаковиќ запре 11 удари.
Македонија играше одлично особено во првиот дел. Ривалот отвори со водство од 3-0, но набрзина нашите ракометари возвратија и беше 3-3. Потоа уште една таква серија предводена од голманот Николовски, кој беше одличен, за 6-4 за Македонија.
Австријците израмнија на 6-6 и потоа до крајот на полувремето ниту една од двете селекции не успеа да се одлепи со водство повисоко од еден гол. На паузата противникот водеше со 15-14.
Ѓокески израмни на стартот на второто полувреме, но Поповски потоа промаши пенал, направивме уште две грешки и Австрија отиде на плус три, 18-15. Беше и 21-18, кога Фрич доби црвен картон по еден старт над Лазов.
Но потоа Матески не беше прецизен од пенал, уште една грешка направи нашиот напад и немавме никаква полза од црвениот картон кај ривалот. Напротив, Австрија во тој период од 40 до 45 минута ја направи клучната предност.
По 24-18 за противникот веќе немаше назад и јасно беше дека Австрија рутински ќе го доработи натпреварот до крај. За Македонија утре следува пресметката со селекцијата на Летонија, која денеска ќе се соочи со Норвешка.
























