Беше ракометна ѕвезда и кралски зет – денес отворено зборува за животот зад решетки

Инаки Урдангарин, поранешен врвен шпански ракометар и двократен освојувач на олимписка бронза, по долг период молк реши јавно да проговори за најтешкиот дел од својот живот – годините поминати во затвор и цената што ја платил надвор од спортските терени.

Урдангарин беше еден од најпрепознатливите играчи на шпанската репрезентација во 90-тите години, со 154 настапи и бронзени медали од Олимписките игри во Атланта 1996 и Сиднеј 2000. По завршувањето на блескавата спортска кариера, неговиот живот тргна во сосема поинаква насока, откако беше вмешан во корупцискиот случај преку НООС фондацијата.

Судот го прогласи за виновен за злоупотреба на јавни средства, измами и злоупотреба на влијание, по што во 2018 година му беше изречена затворска казна од пет години и десет месеци. Дел од казната ја издржа во затворот Бриева, а тој период, како што признава, целосно го променил.

„Во затвор можеш целосно да се изгубиш или да се соочиш со себеси. Немаш каде да бегаш од сопствените грешки“, откри Урдангарин.

Тој признава дека најголемиот удар не биле затворските ѕидови, туку распадот на семејството и разводот од Инфанта Кристина, сестрата на шпанскиот крал Фелипе VI, со која беше во брак 25 години и има четири деца.

Изолацијата, строгите правила и чувството на пад од самиот врв, според него, биле секојдневие. Сепак, токму таму, вели, научил лекции што никогаш претходно не ги разбирал – смиреност, одговорност и вистинската вредност на слободата. Најголема сила му давале децата, кои ги опишува како симбол на издржливост и поддршка.

По излегувањето од затвор, Урдангарин започна ново поглавје во животот. Денес се занимава со менторство и личен развој, обидувајќи се сопственото искуство да го претвори во предупредување и поука за другите.

Неговата приказна останува еден од најконтроверзните примери како човек може да премине пат од олимписки подиум и кралски кругови до затворска ќелија – и повторно да се обиде да го изгради својот живот од почеток.