Македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски од денеска не е повеќе ракометар на бундеслигашот Вецлар.
Договорот кој траеше до крајот на оваа сезона е раскинат по взаемна согласност, објави германскиот клуб.
„Договорот беше раскинат со взаемна согласност. Филип дојде со желба да му дозволиме да го напушти клубот и се согласивме со тоа бидејќи за жал тој не ги исполни во целост нашите спортски очекувања. Му благодариме на Филип за неговата посветеност и му посакуваме се најдобро во иднина“, изјави директорот на Вецлар, Бјорн Сеип.
Вецлар беше трет бундес клуб за Кузмановски по Магдебург и Хановер. Македонскиот репрезентативец постигна 25 погодоци на 27 натпревари во Вецлар.