Машката репрезентација на Македонија осмипат по ред, односно десетти во историјата се пласираше на Светско првенство! По триумфот на гости кај Словачка, Македонија уште еднаш ја преслуша оваа селекција и славеше со 38-23.
Со овој пласман, Македонија го продолжува континуитет на големи натпреварувања започнат од ЕП 2012 и 16 пат по ред ќе биде во друштвото на најдобрите.
По седум минути веќе беше 5-1, Томовски запре два удари на противничките ракометари и им даде до знаење дека и овде ги очекува висок пораз, како и на првиот меч што заврши со 31-24 во наша корист во Прешов.

По петнаесетина минути Македонија водеше со 10-3, селекторот Лазаров ги користеше сите „оружја“, па кормиларот на Словачка мораше да бара тајм-аут и да ги смири своите избраници.
Отидовме и на плус седум, 13-6, но Бриатка даде два брзи гола од контри за 13-8. Серијата на Словачка ја прекина капитенот Кузмановски со голот за 14-8. До паузата одигравме рутински и јасно беше дека Македонија ќе игра на СП 2027.
Стартот на второто полувреме ја донесе и највисоката разлика дотогаш за Македонија, плус 11, 24-13 со голот на Велковски, потоа Митревски одбрани пенал, па и зицер и продолжи доминацијата на Македонија.

Немаше многу возбудувања, нашите момци играа рутински и без премногу напор, а и Словаците знаеја дека нема што да бараат на овој дуел, па играа колку да одиграат. Публиката можеше да види и атрактивни потези и на крајот да го прослави пласманот на ново големо натпреварување на Македонија.
Шанса добија Митревски на голот, Петковски, потоа Џонов, Стојковиќ, Николов и сите ја искористија на најдобар можен начин, па селекторот Лазаров добива повеќе решенија на сите позиции.
Најдобри стрелци во македонскиот состав беа капитенот Кузмановски со десет голови, Велковски со шест и Лазаревски со пет погодоци, додека голманите Томовски и Митревски имаа одлична партија. Кај Словачка се истакна Прокоп со седум погодоци.
Сега за Македонија останува да го чека 10 јуни и ждрепката за групите на Мундијалот во Германија.
























