Најголемото дерби на македонскиот ракомет меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар в сабота ќе се игра пред полни трибини.
Двата најголеми ривали ќе се сретнат во рамките од 15. коло, а на првата пресметка во Скопје триумфираа „црвено-црните“ со 27:24.
Од битолскиот тим ги повикаа навивачите да донесат плишани играчки и да ги фрлат на теренот на полувремето од големото дерби.
Плишаните играчки ќе бидат донирани на дечиња од ранливите категории.
,,РК Еурофарм Пелистер испраќа хумана порака на последниот домашен натпревар во 2024 година. Ги повикуваме сите наши навивачи, симпатизери, приврзаници на полувремето од натпреварот против Вардар 1961 (сабота, 14 декември -18.00 часот) на теренот да фрлат плишани играчки наменети за дечињата од ранливите категории. Со оваа порака сакаме да ги потенцираме вистинските вредности на животот, пренесени преку спортот”, стои во објавата на македонскиот шампион.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар ќе се одигра во спортската сала „Боро Чурлевски“, со почеток од 18:00 часот. Картите за дербито се веќе распродадени.