Еурофарм Пелистер го чекираше и Бутел

Екипата на Еурофарм Пелистер со очекувани три бода се враќа од гостувањето во Скопје откако го совлада составот на Бутел со 32-30 (13-13). Битолчани во Скопје настапија во комбиниран состав, поголема шанса добија помладите ракометари, а ги предводеше искусниот Богдан Радивојевиќ. И покрај негативата со која се соочија во воведот на натпреварот и лошото прво полувреме, квалитетот на македонскиот првак беше доволен за да штиклира нова победа во македонското првенство и да го продолжи патот кон одбрана на титулата во националниот шампионат.

Натпреварот започна изнанадувачки добро за домашната екипа, имаа предност во текот на првиот дел која кон средината на полувремето се искачи и на „плус три“. Македонскиот шампион  во 19. минута го израмни резултатот, но не успеа да направи комплетен пресврт.

Иако Бутел имаше иницијатива и предност во текот на триесетте минути на крајот резултатот на семафорот беше рамноправен и изедначен на 13-13.

Дури на почетокот на второто полувреме Еурофарм Пелистер дојде до првото водство на овој дуел преку Васиљев, а потоа Радивојевиќ беше прецизен од пенал линијата за потврда на предноста и преземање на контролата над играта и резултатот.  „Зелено-белите“ заиграа поангажирано во одбраната, а тоа овозможи неколку лесни голови и зголемување на предноста, која се искачи до максимални „плус шест“ во средината на вториот дел. Во финишот на натпреварот Еурофарм Пелистер на паркетот во Бутел излезе со најсилниот состав, без Цехте, како и Кисум и Лесјак кои не беа на списокот пријавени играчи за овој дуел. Бутелчани се обидоа со последните сили да фатат приклучок на овој дуел, успеаа да ја преполоват разликата на противникот, но не и да направат сензација. Во последните пет минути во игра кај Еурофарм Пелистер се вратија Танковски и Ѓорговски, на местото на Кузмановски и Борзаш, а разлика до последните секунди остана иста. На истекот на шеесете минути, Бутел преку Андревски ги постави конечните 30-32.

Најпрецизен на теренот беше Павле Петровиќ со 8 голови, а по 5 постигнаа Ѓорговски и Пешевски. Кај домашната екипа Филип Николов исто така постигна 8 голови, додека Стефан Крстевски го следеше со 6 погодоци.