Репрезентативецот на Црна Гора, Никола Матовиќ, кој во својата кариера го бранеше голот на Струга, од лето ќе го има најголемиот предизвик во кариерата.
Искусниот голман ќе биде дел од францускиот Саран, клуб кој што моментално се натпреварува во најсилната лига во Франција.
Доколку Саран обезбеди опстанок за следната сезона, тогаш Матовиќ ќе има голема прилика да ги покаже своите квалитети против најдобрите француски клубови.
Матовиќ во Струга настапуваше една сезона, 2021/22, бранеше на солидно ниво во суперлигашката конкуренција и во изборот на 24 Ракомет беше избран за најдобар голман во регуларниот дел од првенството.
Од Струга се пресели во Шведска, потпиша за амбициозниот Амо, а неговите одлични настапи за шведскиот клуб беа забележани од страна на челниците на Саран.
Во својата кариера, освен за Струга и Амо, голманот на Црна Гора настапуваше за Железничар и Ловќен. Со репрезентацијата на Црна Гора го освои 11 место на континенталниот собир во Унгарија и Словачка (2022).