Поранешниот голман на Струга, Никола Матовиќ, кој откако ја напушти македонската елита и се пресели во Шведска, продолжува со одличната форма од претходната сезона и со 17 одбрани го однесе својот Амо на Ф4 турнирот во скандинавската земја.
Црногорскиот репрезентативец блескаше на четвртфиналниот реванш дуел против Аранас, дуел кој неговиот тим го загуби со 32:28, но поради победата од 35:28 на првиот дуел, клубот на Матовиќ си обезбеди билет на Ф4 турнирот во Шведска.
Екипата на Аранас долго време ќе го памети Матовиќ, бидејќи кога најмногу требаше црногорецот ја „спуштише ролетната“ и заслужено беше прогласен за најдобар играч, односно за МВП на реваншот.
На Ф4 турнирот место освен Амо обезбедија и екипите на Хамарби, Иштад и Онеред. Иштад успеа да го елиминира Савеход, додека Онеред го шокираше Кристијанштад. Против сите екипи Амо има голема шанса да победи, па така Матовиќ и колегите ќе атакуваат на трофеј.
За потсетување, екс голманот на Струга минатата сезона беше најзаслужен за обезбедениот пласман на Амо во Супер лигата. Неговата одлична форма треба да го радува и црногорскиот селектор Владо Шола. Стратегот на Црногорците го смести Матовиќ на поширокиот список пред настапот на Европското првенство 2024.