Еден од побогатите клубови во Романија, Глорија Бузау, денеска ја информираше јавноста дека се повлекува од натпреварите во суперлигашката и младинска конкуренција.
Причината за повлекувањето на Глорија Бузау била поради рестрикциите, односно ограничувањата во буџетот, но од позадина имаше големо незадоволство од постигнатите резултати во досегашниот тек од натпреварувачката сезона.
Глорија Бузау на 13 одиграни натпревари успеа да триумфира само трипати, а во својот тим имаше две репрезентативки на Романија и неколку интернационали, меѓу нив беше и репрезентативката на Хрватска, Теа Пијевиќ, како и екс членката на Вардар, Дијана Илина.
Своевремено дресот на Глорија Бузау го носеа две поранешни репрезентативки на Македонија – Марија Штериова и Елена Ливриниќ. Сега веќе поранешниот романски суперлигаш неколку пати учествуваше на европска сцена.
Клубот во иднина ќе функционира само со пионерските екипи, а во нив ќе играат само дечиња од градот Бузау. Речиси секоја сезона Глорија Бузау имаше три пати поголем буџет од сите женски македонски клубови заедно.