Германскиот гигант Кил ја заврши сезоната 2025/26 на разочарувачки начин, откако првпат по 23 години не успеа да се пласира меѓу петте најдобри екипи во Бундес лигата.
По поразот од Лемго со 34-31 во последното коло, во таборот на „зебрите“ не ја криеја разочараноста од најслабата сезона на клубот во поновата историја.
Легендарниот капитен Домагој Дувњак емотивно им се обрати на навивачите по натпреварот.
„Неверојатно ми е срам. Многу нè боли ова. Сите сме разочарани и тажни. Се надевам дека следната сезона ќе биде подобра. Со новиот тим повторно ќе победуваме“, порача Дувњак.
Сериозноста на ситуацијата ја потврди и извршниот директор на клубот Виктор Силаѓ, кој најави детална анализа на сезоната и промени во клубот.
„Последните недели беа исклучително тешки за сите. Ќе ја анализираме темелно сезоната. Не станува збор само за Филип Јиха, за мене или за поединци. Станува збор за тоа Кил повторно да се врати на вистинскиот пат. Веќе дефиниравме одредени насоки и ќе преземеме чекори за повторно да се бориме за местата што водат во европските натпреварувања, а во идеален случај и за пласман во Лигата на шампионите“, изјави Силаѓ.
Со ваквиот пласман, Кил ризикува првпат од 1993 година да остане без настап во европските купови, освен доколку не добие специјална покана од ЕХФ. За клуб кој има четири титули во Лигата на шампионите и е еден од најуспешните во историјата на европскиот ракомет, ова претставува огромен удар и сигнал дека следува период на сериозна реконструкција.
























