Драма во Скопје: Вардар на крајот попушти против Порто

Вардар водеше, па имаше негатива, па повторно се враќаше во игра. Покажаа „црвено-црните“ голема волја и мотив да освојат бодови, па и да победат ако можат. Но, вечерва немаа сила да ги издржат сите 60 минути со физички посилниот ривал. Португалски Порто во рамките од третото коло на групната фаза од Лига Европа триумфираше во Скопје, 26-22 (10-12), но Вардар може само да жали што не успеа да освои барем бод, а можеше и повеќе.

Порто го имаше и расположениот голман Рема Маркез кој одбрани кога најмногу требаше, вклучувајќчи и два пенало. Ретко сме го гледале Лазаревски во ситуација тешко да погодува од линијата од шест метри. Она што некои го видоа во мрежата Маркез го имаше во рацете или нозете.

Вардар тргна со водство, а потоа гостите направија серија со која стигнаа до предност од 6-3, во 13 минута. Владо Недановски мораше д абара минута одмор, а после тоа „црвено-црните“ имаа свои минути во кои не само што ја стопија предноста на Порто, туку Вардар и поведе со 7-6.

Вардар имаше минути кога играше одлично во одбрана, но имаше проблем да се сопре противничкиот пивотмен. Порто повторно направо предност од 10-9. Вардар имаше одлична можност но, имаше и четири неуспешни напади во кои требаше да погоди.

А потоа за три минути, еден сосема друг Вардар кој играше одлично во одбрана, и набрзина ги искористи своите шанси, па направи серија од 3-0 со која вардарци зголемија првпат на „плус 2“ и на одмор заминаа со предност од 12-10.

Играњето „гол за гол“ продолжи и во второто полувреме. „Двојката“ на Вардар се стопи, Порто се врати во игра, па и поведе со 17-16, па и со 19-17 во 47 минута. Тешко се пробиваше средината на одбраната на Порто, Пивотмените на Вардар беа отсечени, а ударите од далечина не доволно прецизни.

Гостинскиот голман Рема Маркез имаше двоцифрен број на одбрани и беше виновникот што домашните не можеа да направат предност. Вардар имаше негатива од 17-20, а потоа и два напади неискористени да се намали предноста на гостите на само еден гол при резултат 18-20. Но, прво беше судено пробивање од Јагуриновски, а потоа наместо да одиграат смирен напад сакаа брзо да постигнат гол кога го немаше голманот, но таа топка заврши во рацете на одбраната.

Она што не го реализираше Вардар го погодија гостите, и во 53 минута поведоа со 21-18, а потоа со уште еден гол направија Вардар да биде во уште потешка ситуација. На негатива 18-22, Крсманчиќ не реализираше пенал, па во последните пет минутуи гостите имаа предност кој им даваше за право да се надеваат на бодови.

Но, како минуваше времето на крај, Порто ја одржуваше предноста. Во 58 минута Вардар намали на 21-23, ама потоа брзо гостите реализираа.

Гостинскиот голман Маркез имаше 15 одбрани, а двата голмани на Вардар  само четири. Најефикасен кај Вардар беше Хансер Родригез со 4 гола, апо три дадоа Георгиевски, Крсманчиќ и Лазаревски.