Драма во Гевгелија – Овче Поле испушти победа во финишот

Екипите на Партизан и Овче Поле одиграа без победник, 28:28, во натпревар од 3. коло во прволигашката конкуренција. И двете екипи во последните минути имаа шанса за да дојдат до три бода, но ниту една од нив не можеше да го направи вистинскиот чекор за да дојде до посакуваната победа.

Иако гостите на стартот добро започнаа, поведоа со 2:1, домаќините со серија од 5:0 направија пресврт и дојдоа до водство од плус четири, 6:2. Овче Поле во неколку наврати успеваше да направи камбек, израмни на 7:7, но потоа пак влезе во криза, па така домашниот тим со три гола во низа се одлепи на 10:7 и до крајот на полувремето имаше контрола на теренот.

Избраниците на Узунчев откако на пауза заминаа со 13:11, во вториот дел дозвлија гостинот од Свети Николе да се врати во игра и да израмни на 13:13. Од тој момент започна големата борба на теренот, се играше гол за гол и резултатот во 40 минута беше нерешен, 16:16.

Партизан успеваше да одржи минимална предност од еден до два гола разлика, но гостите постојано се закануваа и на десет минути пред крајот најпрво израмнија на 21:21, потоа го презедоа водството, поведоа со 22:21.

Овче Поле во последните десет минути во четири наврати имаше два гола предност (24:22, 25:23, 27:25 и 28:26). Домашниот тим не се предаде и со погодоците на Лисичков и Џалев ги постави конечните 28:28.

Најефикасен во домашната екипа беше Горан Лисичков со 11 погодоци. Кај Оввче Поле се истакнаа Бојан Гичев и Борјан Цековски со седум, односно шест реализации.