Завесата во македонската Супер лига ќе биде спуштена в недела, кога ќе биде одреден последниот патник во елитната конкуренција за следната сезона. За тоа место ќе се борат Еурофарм Пелистер 2 и Радовиш на неутрален терен во салата во Автокоманда.
Битолчани завршија на третото место во суперлигашкиот плеј-аут и мораат да играат за опстанок, откако РФМ среде сезона реши да менува систем на натпреварувања и да испаднат пет екипи од Супер лигата.
Радовишани, пак, беа втори во прволигашкиот плеј-оф и ќе имаат шанса по година дена пауза да се изборат за камбек во елитата.
Еден од двоецот тренери на Радовиш, Александар Долдуров, кој работи заедно со Спасе Ѓорѓиев, очекува овој натпревар да биде круна на сезоната.
„Очекуваме овој натпревар да биде круна на одличната сезона која ја имавме а ја почнавме со многу проблеми и прашалници. Да не беше кратењето на лигата ќе се пласиравме директно, но што е тука е. Еурофарм Пелистер 2 е фаворит во овој дуел, ние сме тука да го дадеме нашиот максимум па подобриот нека победи“, вели Долдуров.
До последното коло не беше познато, кој суперлигаш ќе игра бараж натпревар, а со самото тоа и кратко беше времето за анализа на ривалот.
„Времето за анализа беше кратко, но со самото тоа дека минатата година игравме во Супер лигата, го знаеме добро противникот. Опасни се од сите позиции. Најголема опасност доаѓа од бековските позиции кои се покриени со одлични брзи, технички подготвени играчи за игра еден на еден и шут од надвор, имаат брза транзиција и агресивна одбрана. Ќе ни биде пеколно тешко. Но како и секоја екипа имаат одредена слабост, која ќе се обидеме да ја искористиме максимално во недела“, продолжи Долдуров.
Тој смета дека клучна утре ќе биде дисциплината.
„Во недела клучно ќе биде која екипа ќе биде подисциплинирана, со мал број на технички грешки и секако повеќе среќа. Подготвени сме на се, не се предаваме, еден натпревар е се може да се случи, ќе се бориме до последниот атом и ќе дадеме се од себе да го изненадиме фаворитот и да се вратиме во Супер лигата“, заврши тренерот на радовишани.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Радовиш се игра утре во салата во Автокоманда од 16:00 часот.