Доби место на поширок список за СП – а потоа и трансфер во Автокоманда!

Средниот бек Мартин Ивановски, не е повеќе член на прволигашот Еурофарм Пелистер 2 и кариерата ќе ја продолжи во Скопје. Според информациите на 24Ракомет, Ивановски се договорил за трансфери во тимот предводен од селекторот Кирил Лазаров и ќе биде опција на плејмејкерската позиција на која играат Марко Митев, Игор Ѓорѓиев и Франциско Силва.

Ивановски потекнува од Охрид, каде што играше во младинските категории, а потоа доби шанса и во првиот тим на „гладијаторите“. Добрите игри го препорачаа во Битола, каде дојде во 2022 година и потпиша договор на три сезони.

Сепак нема да го одработи до крај и ќе се пресели во „сино-белиот“ состав од Автокоманда. Ивановски на почетокот на овој месец беше единствениот прволигашки играч што се најде на поширокиот список на селекторот Кирил Лазаров за настап на Светското првенство 2025, иако има и други ракометари на неговата позиција што се дел од младинската репезентација, но не се најдоа на списокот од 35 ракометари.

Со ангажманот на Ивановски, продолжува трендот на трансфери на македонски ракометари во „сино-белиот“ тим од Автокоманда, кои потоа стануваат репрезентативци, а дотогаш не биле повикувани во националниот дрес. И на скратениот список за СП 2025 има неколку ракометари, кои додека играа за други клубови не добиваа шанса, а сега се дел од националниот тим.