Еден од голманите на кој му предвидуваа блескава кариера, а кој настапуваше и за Вардар е српскиот чувар на мрежата, Страхиња Милиќ, познат како Џамбо.
Иако не оствари многу од тоа што му предвидуваа стручњаците, може да се пофали со титула во Лигата на шампионите во 2017 година со „црвено-црниот“ тим.
Во интервјуто за „Моцарт Спорт“, Џамбо откри интересни детали, меѓудругото и дека ја одбил понудата од Барселона поради Вардар.
„Добив понуда од Барса, две години пред да ја освоиме Лигата на шампионите. Менаџерот Јокиќ се поврза со Чави Пасквал, ми беше понуден договор многу подобар отколку во Вардар. Ми се јави и Кирил Лазаров, ми рече дека ме сакаат таму и дека е добро да дојдам. Како да ја одбијам Барселона, тоа никој не го направил. Но Сергеј Самсоненко секогаш беше зад мене и сакав да му покажам дека сум благодарен и лојален, дека ги сакам Вардар и Скопје. Многумина ми рекоа дека сум будала и кретен, но јас не жалам поради таа одлука. Дали мојата кариера ќе беше подобра ако отидев во Барса? Веројатно, но не ми е жал. И сега истото би го направил“, вели Џамбо.
Кариерата ја заврши во 2018 година, иако имаше неколку обиди за рестарт, кои не беа успешни.