ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ: Македонија сака победнички да го прослави пласманот на ЕП

Женската сениорска репрезентација на Македонија денес ќе го одигра последниот квалификациски натпревар за Европското првенство 2024, кое ќе се одржува во Австрија, Унгарија и Швајцарија.

По победата над Азербејџан во претходното коло, македонската репрезентација го завери пласманот на континенталниот собир, па така денешниот дуел со Литванија нема да има никакво резултатско значење.

Сепак, избраничките на Кристијан Грчевски ќе посакуваат со победа пред домашната публика да го прослават пласманот на Европското првенство и да ја оправдаат улогата на фаворит против балтичката земја.

Натпреварот против Литванија ќе биде одлична можност за ракометарките со помала минутажа, како и за помладите во селекцијата, да го покажат својот квалитет и да стекнат уште поголемо репрезентативно искуство.

Натпреварот меѓу Македонија и Литванија ќе се одигра со почеток од 18:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“, а влезот за сите љубители е слободен.

На денешната програма ќе се одиграат сите квалификациски натпревари од последното коло, по што ќе бидат познати преостанатите учесници на Европското првенство. Сите 15 натпревари ќе започнат со почеток од 18:00 часот.

Квалификации за ЕП, последно коло:
ЦРНА ГОРА – БУГАРИЈА
ЧЕШКА – ПОРТУГАЛИЈА
ФРАНЦИЈА – ЛЕТОНИЈА
ХРВАТСКА – БИХ
ИСЛАНД – ФАРСКИ ОСТРОВИ
ХОЛАНДИЈА – ФИНСКА
ГЕРМАНИЈА – ИЗРАЕЛ
ПОЛСКА – КОСОВО
РОМАНИЈА – ГРЦИЈА
МАКЕДОНИЈА – ЛИТВАНИЈА
СЛОВАЧКА – УКРАИНА
СЛОВЕНИЈА – ИТАЛИЈА
ШПАНИЈА – АЗЕРБЕЈЏАН
СРБИЈА – ТУРЦИЈА
ШВЕДСКА – ЛУКСЕМБУРГ

Во рамки од 7. коло од плеј-аут фазата во Супер лигата ќе има два натпревари, додека во прволигашката конкуренција три натпревари, два од нив се од плеј-офот.

Прилеп, кој во досегашниот тек од вториот дел од сезоната нема пораз, ќе му гостува на Еурофарм Пелистер 2 во Битола.

Составот на Божидар Мојсов со евентуална победа ќе биде на добар пат да обезбеди опстанок во Супер лигата.

Тимот на Голден Арт против Скопје ќе атакува на три бодови, со цел да излезе од резултатската криза.

РАСПОРЕД НА ДЕНЕШНИТЕ НАТПРЕВАРИ ВО МАКЕДОНИЈА:
14:00 МЕТАЛУРГ РА – МАКЕДОНИЈА ЃП
15:00 СКОПЈЕ – ГОЛДЕН АРТ
18:30 ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2 – ПРИЛЕП
18:30 МЛАДОСТ – БИСИНОВ
19:30 КИЧЕВО – АСТРАИОН