Цветаноски: Мораме да се вратиме психолошки по поразот во Битола

Ракометарите на Прилеп во рамки од 8. коло од суперлигашкиот плеј-аут ќе гостуваат во Скопје кај истоимената екипа. Прилепчани во досегашниот тек од вториот дел од сезоната на седум одиграни натпревари остварија пет победи, едно реми и во минатото коло го доживеаја првиот пораз, беа совладани од Еурофарм Пелистер 2.

Скопјани се со серија порази од стартот на плеј-аутот и уште од поодамна се откажаа од борбата за опстанок. Составот на Божидар Мојсов е голем фаворит, но тоа ќе треба да го покаже и докаже на теренот.

Двете екипи се сретнаа на почетокот на плеј-аутот и на првиот меѓусебен дуел сезонава сосема очекувано победија ракометарите на Прилеп со 34:24. Тимот предводен од Оливер Димитриоски ќе посакува да се претстави во добро светло и евентуално да дојде до изненадување.

Еден од предводниците во тимот на Прилеп, левиот бек Никола Цветаноски, го најави утрешниот дуел со тимот на Скопје.

,,За нас како екипа од голема важност е натпреварот со Скопје, мораме да се вратиме психолошки од поразот во Битола, бидејќи тимот на Скопје е сериозен ривал и играме на гостински терен, тоа никогаш не е лесно. Јас се надевам на добра игра на целиот тим и голем ангажман на сите играчи. Ривалот го познаваме многу добро, но и тие нас сигурно. Сѐ уште ништо не е решено за опстанок, има доста тешки натпревари за нас до крајот на сезоната. Мораме од натпревар во натпревар да го креваме нивото на квалитетот на играта, што искрено сум сигурен во тоа. Нашиот фокус кон натпреварот е максимално одговорен кај сите и се надевам на победа во утрешниот дуел, изјави Цветаноски.

Прилеп иако не ги оствари целите во првиот дел од сезоната, во плеј-аутот игра во одличен ритам.

,,Секако дека во првиот дел тактично не бевме доволно воиграни. Со добрата работа на стручниот штаб и новите играчи, кои се вклопија во тимската работа, формата е на многу повисоко ниво, се движиме во нагорна линија, сите мои соиграчи имаат напредок. Мотивот и желбата за Прилеп и во наредната сезона да е дел од Супер лигата кај мојот тим е од најголема важност и цел на сите во клубот и нашите навивачи”, заврши Цветаноски.

Натпреварот меѓу Скопје и Прилеп ќе се одигра со почеток од 18:00 часот во салата при ФФОСЗ.

ПозЕкипаНПРЛБ
1ПРИЛЕП861121
2ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2860221
3МРК КУМАНОВО861120
4ВАРДАР НЕГОТИНО850315
5МУЛТИЕСЕНС841314
6ГОЛДЕН АРТ821510
7СКОПЈЕ 202092076
8АЕРОДРОМ90092