Цирар: Не е важно колку гола ќе дадам jас, важно е Охрид да победува

Ракометарите на Охрид во 5. коло од плеј-офот во Суперлигата гостуваат во Скопје кај тимот на Пролет.

Охриѓани во натпреварот влегуваат осоколени после големата победа над вицепрвакот од Автокоманда.

Еден од најдобрите поединци на тој натпревар, со 14 постигнати погодоци, десното крило Гал Цирар, кој се очекува и на овој дуел да биде ударна игла во нападот на Охрид, вели дека после победата над тимот предводен од Лазаров не смеат да застанат и мора да влезат максимално подготвени во дуелот.

„Пролет е многу добра екипа, го покажаа тоа и на претходните натпревари од плеј-офот. Затоа ние мора да влеземе 100% подготвени, треба во одбраната да изиграме најдобро што можеме, голманите да ни помогнат, а во нападот да одиграме паметно. Мора да ја искористиме нашата ширина и со повеќе трчање, односно да ги наттрчаме, да стигнеме до победата и пред паузата да запишеме уште три бода на нашето конто“, изјави словенечкиот интернационалец.

Цирар кој со 29 гола во првите 4 кола од плеј-офот е најдобар стрелец на Охрид вели дека не му е важна личната статистика, туку крајната цел на екипата.

„Ракометот е тимски спорт, да ги немам соиграчите ни јас не би постигнал толку голови. Никогаш не би се ставил на прво место, секогаш е екипата таа која е најважна, а во моментов знаеме која е целта на екипа. Мора во секој натпревар да влеземе максимално сконцентрирани и подговени, без разлика дали играме со првиот или со последниот. Само така ќе бидеме чекор поблиску до пласман во Европа“, истакна десното крило.

Охрид по четири одиграни кола во плеј-офот има три победи и еден пораз,додека Пролет има една победа и три порази.

Натпреварот меѓу Пролет и Охрид се игра во сабота, 9 март, во салата„Македонско сонце“, со почеток од 18:30 часот.