Чупиќ за младите: Донеси дете на 16 години – по три сезони ќе биде вардарец!

Иван Чупиќ е задоволен од развојот на младите ракометари кои тренираат со првиот тим на Вардар.

Тројцата талентирани играчи – Николче Нечовски, Бобан Поповски и Марко Ѓорчески, веќе ја почувствуваа атмосферата во „Јане Сандански“, патувањата и настапите со сениорската екипа, но тренерот смета дека допрва треба да добиваат поголема минутажа.

„Сите тројца работат многу добро. Физички и тактички се подготвени и се гледа дека добро се вклопија во тимот. Нормално е во овој момент да постои разлика во квалитетот во однос на поискусните ракометари, но им недостига уште индивидуална работа. Тоа што тренираат со првиот тим, гледаат видеа, патуваат и играат пред полна сала сигурно ќе им донесе големо искуство“, истакна Чупиќ.

Неговата желба е младите ракометари да не останат само дел од тренинзите на првиот тим, туку редовно да играат и натпревари.

„Кога нема да играат за првиот тим, мора да настапат за вториот тим. По една добра работна недела со сениорите, на крајот од неделата мора да имаат натпревар. Младиот ракометар не смее времето да го поминува само на видео анализа, во сала за вежбање и во подготовка за следниот натпревар. Нему му е потребен посебен процес и индивидуална работа.“

Чупиќ верува дека тројцата млади играчи имаат иднина во Вардар, а клубот ќе покаже трпение во нивниот развој.

„Вардар нема многу трпение кога се во прашање резултатите, што е нормално за клуб од ваков ранг. Но, ние како стручен штаб и клуб имаме трпение за младите и веруваме во нив. За две или три години, со добра работа и ако останат цврсто на земја, ќе добијат можност да играат за Вардар.“

Стратегот на „црвено-црните“ објасни и како се гради вистинскиот клупски идентитет.

„Кога ќе донесете дете на 16 или 17 години, по три сезони тоа дете е вардарец. Ако донесете македонски ракометар на 25 или 28 години, тој ќе игра, ќе помогне и ќе ја зема својата плата, но никогаш нема да биде вардарец на ист начин. Затоа сакаме да ја зголемиме базата на деца и базата на вардарци“, порача Чупиќ.