Шпанскиот дефанзивец Ориол Реј Моралес добро ја познава атмосферата во СЦ „Јане Сандански“. Минатата сезона го носеше дресот на Охрид, а сега како ракометар на Висла Плоцк повторно доаѓа во Македонија, овојпат на натпревар од Лигата на шампионите.
Вардар во четврток од 20:45 часот ќе ја пречека Висла во третото коло од елитното европско натпреварување. За поголемиот дел од полскиот состав гостувањето во Скопје ќе биде ново искуство, но Реј Моралес веќе знае каква атмосфера ги очекува гостинските ракометари.
Шпанецот нагласи дека бучавата во салата и поддршката што навивачите му ја даваат на Вардар можат да бидат голем предизвик за секој противник.
„Да се игра против Вардар во нивната сала значи да се почувствува неверојатна атмосфера. Може да биде многу тешко, затоа што има огромна бучава и многу луѓе кои постојано го туркаат својот тим напред. Но, за луѓето кои го сакаат ракометот, тоа истовремено е прекрасно искуство и дополнителна мотивација. Гледате дека сите даваат сè од себе за натпреварот, а тоа ви помага и вие да го направите истото“, изјави Реј Моралес.
Дефанзивниот специјалист летово го замени Охрид со Висла, но добро ги памети натпреварите во Македонија и гостувањата во „Јане Сандански“. Во четврток ќе биде на спротивната страна од „црвено-црните“, а неговите совети сигурно ќе им бидат значајни на соиграчите при подготовката за атмосферата што ги очекува во Скопје.
Тој беше избран за најдобар дефанзивец во лигата во Македонија, во изборот на 24Ракомет. А и Иван Чупиќ тренерот на „црвено-црните“ изјави дека Висла игра најдобра одбрана, што дополнително го прави натпреварот интересен во четврток во Скопје.
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…
























