Вардар веќе потпиша нов голман, се бараат уште две засилувања!

Вардар веќе работи на составот за следниот период, а Иван Чупиќ откри дека клубот договорил нов млад голман кој треба да пристигне во 2027 година.

Името на новото засилување засега не беше откриено, но тренерот на „црвено-црните“ потврди дека договорот е потпишан.

А треба да пристигнат и други млади ракометари.

„Веќе имаме договорено еден голман за следната година. Голманот е потпишан и сигурно доаѓа во 2027 година. Работиме и на ангажирање уште еден или двајца ракометари и се надевам дека дел од тие работи ќе ги реализираме до Нова година или најдоцна до почетокот на следните летни подготовки“, откри Чупиќ.

Планот на Вардар е во ростерот да има меѓу 20 и 21 ракометар, но истовремено да остане простор за приклучување на двајца или тројца млади играчи.

„Сакаме да ја задржиме оваа бројка на ракометари и секогаш да имаме простор за двајца или тројца млади. Не сакаме да одиме на квантитет и само да кажуваме дека во клубот имаме 200 или 300 деца. Некои клубови имаат таква стратегија и тоа е нивно право, но ние имаме поинаква перспектива.“

Чупиќ потенцира дека Вардар сака навреме да ги препознае вистинските таленти и да вложи неколку години во нивниот развој.

„Наша желба е да донесеме квалитет и потенцијал. Потоа сакаме две или три години сериозно да работиме со тие деца и да ги развиваме. Тоа е нашиот план за иднината на клубот“, заврши Чупиќ.