Српскиот стратег Борис Ројевиќ се покажа како полн погодок на управата на ракометниот клуб Охрид. Тој му го донесе првиот трофеј на амбициозниот тим од покрај езерото, а ова беше втор за него во кариерата по оној што го освои со Војводина пред три сезони.
Со него на клупата, Охрид за првпат во историјата во една сезона ги победи Вардар, Еурофарм Пелистер и „сино-белиот“ тим од Автокоманда.
За влакно му „избега“ трофејот во Купот на Македонија, но „секое лошо за добро е“, па Ројевиќ и неговите момци се израдуваат на европски трофеј сезонава.
Со леснотија ги елиминираа ривалите – азербејџанскиот Баку, босанската Слога Добој, чешката Дукла Прага, грчкиот Олимпијакос, а најмногу мака охриѓани видоа со Целје.
Но не е само Ројевиќ, тука е целиот негов стручен штаб – легендите на охридскиот ракомет Крсте Андоновски и Наум Бабачев, физиотерапевтите Димитар Спироски и Љупчо Атанасов, тренерот на голманите – Зоран Георгиевски, кондицискиот тренер Андрија Њаради…
Иако освојување на трофеј не беше зацртано во целите за првата сезона, сепак Ројевиќ тоа го оствари, а сега за Охрид ќе стои нова цел – добивање вајлд-карта за Лигата на Европа и успешен настап едно скалило погоре.
Големи заслуги за овој успех на Охрид имаат и градоначалникот Кирил Пецаков, претседателот на клубот – Ристе Китевски, спортскиот директор Славчо Ристески…а по овој успех нема сомнеж дека Охрид стана фактор во македонскиот, но и во европскиот ракомет.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























