Бутел Скопје го совлада Прилеп и фати правец кон плеј-оф

Ракометарите на Бутел Скопје остварија важна победа во битката за плеј-офот над Прилеп со 27-21 во натпревар од 8 коло во суперлигашкото друштво. Избраниците на Горан Кузманоски му се одмаздија на прилепскиот состав за поразот во стартното коло во Прилеп.

Бутел скопје сега има 15 бодови и се наоѓа веднаш зад Вардар и Еурофарм Пелистер, и во следните натпревари ќе оди на потврда на местото во разигрувањето за титулата напролет. Прилепчани останаа на седум бода и ќе одат на поправен следното коло на домашен терен против Пролет во обид да фатат приклучок кон водечката четворка.

Во првите петнаесетина минути се играше гол за гол, пред домаќините да го направат првиот исчекор и по 6-6, со головите на Ѓеоргиевски и Спасовски да поведат со 8-6. Беше и 10-7 за бутелци, но како одминуваше времето, така гостите се враќаа во игра.

Во последната минута се влезе со плус два за Бутел Скопје, 13-11, но Имнадзе погоди, а немаше време за нова реализација и на пауза домашните заминаа само со еден гол предност, 13-12.

На стартот на второто полувреме израмни Кастратовиќ, а потоа беше и 14-14. Голманот Стојаноски одбрани пенал за плус два на прилепчани, па неговите соиграчи казнија на спротивната страна за ново израмнување, 16-16.

Во продолжение Бутел ја презема контролата на теренот, поведе со 19-17, потоа и се чини ја направи клучната предност 21-18, кога остануваа да се играат уште десетина минути до крајот.

Прилепчани немаа премногу идеја во нападот, Квастек беше исклучен на две минути, па Бутел зголеми на 22-18. Стојаноски одбрани уште два пати во серија, неговите соиграчи погодија за 24-18 и веќе немаше дилеми дека бодовите остануваат дома. Во финишот домашниот тим остана со тројца играчи помалку на терен, Стојаноски фати пенал и немаше време за Прилеп да направи нешто повеќе.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Николов со седум, како и Ѓеоргиевски и Јефтиќ со по шест погодоци, додека по пет гола во гостинската екипа имаа Кастратовиќ и Квастек. Во следното коло Бутел Скопје оди на гости кај Вардар, додека Прилеп ќе го пречека составот на Пролет.

ПозЕкипаНПРЛБ
1ВАРДАР 196114130139
2ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР14130139
3БУТЕЛ1480624
4ПРОЛЕТ1471622
5ГОЛДЕН АРТ1452717
6ПРИЛЕП14311010
7МУЛТИЕСЕНС1430119
8ВАРДАР НЕГОТИНО1420126