Ако се оди според досегашната пракса на ЕХФ, ракометарите на Вардар би требало во новата сезона да имаат директно место во групната фаза од Лигата на Европа.
Според рејтингот, Македонија требаше да има две екипи во Лигата на Европа и две во Европскиот Куп, но откако Еурофарм Пелистер доби вајлд-карта за Лигата на шампионите, ако се оди според редот на нештата, Вардар треба да игра во групната фаза на ЛЕ.
Ако Еурофарм Пелистер не добиеше вајлд-карта за ЛШ, тогаш ќе играше во групите од ЛЕ, а Вардар ќе мораше преку квалификации да се бори за групна фаза.
Третопласираниот состав во македонското првенство – „сино-белите“ од Автокоманда, би требало да играат квалификации за ЛЕ, а Охрид и Тиквеш, кој побара вајлд-карта, во Европскиот Куп.
Сепак за сето ова да биде потврдено треба да се почека ЕХФ да ги објави деталите за Лигата на Европа и Европскиот Куп, во однос на бројот на пријавени екипи.
Најдоцна до 9 јули ЕХФ ќе ги објави сите екипи и ранкингот за ЛЕ и Европскиот Куп, а на 16 јули ќе биде ждрепката.