Без Ѓорѓиев на решавачките средби од квалификациите за ЕП?

Откако остана без услугите на Марко Митев на претходниот дуел со Словенија од квалификациите за ЕП 2026, Македонија ќе мора и без уште еден од средните бекови да ги бие решавачките битки.

Игор Ѓорѓиев заработи повреда на мускулот на последниот натпревар од Супер лигата, па затоа го пропушти реваншот со Рунар Сандефјорд од Европскиот Куп, а допрва ќе биде позната должината на паузата и дали евентуално би можел да настапи против Естонија и Литванија.

Наптреварот против Естонија се игра во Талин на 8 мај од 18:00 часот, додека оној против Литванија е на програмата на 11 мај во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот.

Македонија мора да чека пораз на Литванија, иако Словенија таму ќе оди со трет состав, за да остане во конкуренција за второто место. Во секоја друга комбинација, ќе се бори за трето место, ќе треба двапати да победи, но и да пресметува гол-разлика со другите третопласирани селекции од сите групи.