Ангеловски: Нема неважен натпревар во ЛШ – одиме во Норвешка да се надигруваме

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер отпатува во Норвешка, каде ќе го одигра последниот натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите.

Тренерот Бранко Ангеловски вели дека нема неважен натпревар во елитното натпреварување и дека мора да се извлечат поуки од овие дуели во ЛШ.

„Нема неважен натпревар во Лигата на шампионите. Ние треба да славиме што бевме дел од ова натпреварување со такви европски велесили. Од овие натпревари мислам дека ќе извлечеме поука и ќе видиме уште колку работа нè чека во иднина за да бидеме во егал со овие екипи“, вели Ангеловски.

Тој најави дека неговите избраници ќе се надигруваат со ривалот.

„На крај дојдовме во ситуација да играат две екипи кои нема да го продолжат патот во ЛШ. Одиме да се надигруваме со норвешкиот шампион и да извлечеме добар резултат. Пред управата ветивме дека ние како тим на секој натпревар ќе одиме на победа, без разлика со кого играме и во кое натпреварување и ќе се спремаме за да славиме. Скандинавците ако почувствуваат лабаво влегување на ривалот во натпреварот, тогаш ќе имате проблеми цел натпревар. Треба да сфатиме дека овој натпревар го играме првенствено за нас, како индивидуи, а потоа и за клубот, градот и државата, бидејќи ние ги претставуваме Еурофарм Пелистер, Битола и Македонија. Мораме да го сфатиме максимално сериозно овој натпревар. Сакаме да ја завршиме оваа авантура со добар натпревар и потоа сите да се насочиме кон првенството и Купот на Македонија“, изјави Ангеловски.

Натпреварот меѓу Колстад и Еурофарм Пелистер се игра утре со почеток во 18:45 часот.