Зад екипата на Тиквеш остана еден тежок и напорен период со многу суперлигашки натпревари и две европски средби.
Веќе в петок кавадарчани ги чека дуелот со Аеродром, а кружниот напаѓач Кристијан Анастасовски вели дека сега фокусот е само на домашните обврски.
„Тежок период е зад нас, за кратко време игравме многу натпревари и во Европа и дома. Со Кремс немавме многу време да се спремаме, во Кавадарци поминавме добро, иако можевме да ги добиеме со повеќе разлика, знаевме дека во Австрија ќе биде тешко, но таму не успеавме да ги израдуваме нашите навивачи Но, европските дуели завршија и сега се фокусираме само на домашните обврски“, вели Анастасовски.
Следен предизвик за тимот на Никола Матлиески е новиот суперлигаш Аеродром, кој беше лесно совладан на првиот меѓусебен дуел во Скопје.
„Се спремаме максимално за дуелот со Аеродром. Кога играме пред домашна публика и пред нашите „Лозари“ мора да го дадеме нашиот максимум. Благодарност до нив што секогаш играме пред преполна сала „Јасмин“. Моментално сме на второто место, фокусот ќе ни биде само на суперлигашките натпревари. Ќе уживаме во ракометот и ќе славиме со нашите навивачи. Иако Стефановиќ има некоја мала повреда, ќе биде подготвен за натпреварот во петок, после тоа има ЕХФ недела, ќе има време за одмор, да посветиме дел од времето за рекуперација и да се подготвиме за тоа што не чека потоа“, заврши Анастасовски.
Натпреварот меѓу Тиквеш и Аеродром се игра во салата „Јасмин“ утре со почеток во 18:30 часот.