Анастасовски: Противникот е добро анализиран, нас ни останува само да го дадеме максимумот

Ракометарите на Тиквеш во рамки од последното коло од регуларниот дел од сезоната за ривал го имаат тимот на Кире Лазаров.

Кавадарчани со евентуална победа над вицепрвакот ќе го потврдат второто место во групата А и во разигрувањето за титулата ќе пренесат два бода.

Кружниот напаѓач на Тиквеш, Кристијан Анастасовски, ги истакна своите очекувања за утрешниот дуел.

„За овој натпревар се подготвуваме како и за секој натпревар. Ривалот е млада екипа, која на секој натпревар игра сѐ подобро и подобро. Ние направивме една добра анализа, останува на нас да го дадеме максимумот, имаме некои повредени играчи, но ќе се потрудиме да одиграме на максимум и очекувам голема поддршка од публиката”, изјави Анастасовски.

Натпреварот меѓу Тиквеш и тимот од Автокоманда ќе се одигра утре со почеток од 19:00 часот во спортската сала „Јасмин“.

Овој натпревар ќе има и хуманитарно значење бидејќи сите приходи собрани од продажбата на влезниците ќе бидат донирани за младиот Бошко Јанкулов на кого му е потребно итно лекување во Турција.