АНАЛИЗА СП 2025: Данска главен фаворит, македонските „деца“ пораснаа и ветуваат радост

Јануари е месец резервиран за врвен ракомет за љубителите на овој спорт во Македонија. Месец во кој сите сме аналитичари, знаеме со кој состав треба да настапиме, како треба да играме во напад и одбрана, кога да се бара тајм-аут...

Прво, благодарност до стручниот штаб и нашите репрезентативци за пласманот и на ова Светско првенство и можноста Македонија да ја гледаме во врвно друштво од 14 јануари до 2 февруари во натпреварување кое ќе се одржи во три држави Хрватска, Норвешка и Данска. По 14-ти пат во низа сме учесници на големите европски и светски собири од кои ова е деветто мундијалско учество, седмо едноподруго. Пласманот го обезбедивме прво со тешка победа над Швајцарија на последното ЕП, со кое добивме условно кажано послаб противник во баражот. Игравме против Фарски Острови, селекција, која сакале да признаеме или не, е во подем во последниве неколку години. Имаше добар настап на ЕП минатата година и еден нерешен резултат со Норвешка. Но, нашите „деца“ веќе пораснаа, покажаа доблест и покрај тешкиот пораз на првиот меч да се вратат и низ „иглени уши“ да обезбедат континуитет на големите натпреварувања и ново учество на СП. Мое мислење е дека имавме среќа во ждрепката и добивме релативно добра мундијалска група, со огромни шанси за пласман во главната рунда. Играме со големиот фаворит Унгарија, ранливата Холандија, која загуби од Грција и играше нерешено во второкласна селекција како Косовo.

Ние сме огромни фаворити против петтата африканска земја Гвинеја, која е далеку од квалитетите на нашиот тим и за која играат ракометари од пониските лиги во Франција. Со групата која вкрстуваме во главната фаза, покрај Франција, имаме големи шанси со Австрија која е без главните играчи Билик и Божовиќ, и секако Катар, која ќе настапи со искусни играчи, но по години.

Главен фаворит за светската титула секако е Данска, која на последните три првенства 2019, 2021 и 2023 е светски шампион, а нема да заборавиме дека лани стигна и до олимписката круна. На ова СП ќе настапи без Хансен, но видовме дека ниту на Олимписките игри тој немаше доминантна улога. Во центарот на вниманието на тимот предводен од легендарниот Николај Јакобсен се Питлик и Гитсел. Втор фаворит, како и секогаш е Франција, која од 2017 година не може да дојде до пехарот од Данска. Французите не смее да ги отпишеме! Добро е за Франција што заврши ерата на Карабатиќ и сега на сцената доаѓаат помлади играчи како Бриe, тука е најдобриот пикер на денешницата Фабрегас, Дика Мем, кој се приклучи во последен момент во екипата по повредата како и Пранди, Ричардсон, Ремили…По овие три селекции има празен простор, па потоа следат репрезентации кои во секој момент може да се вклучат во борбата за медал. Германците ја имаат најсилната и најскапата лига во светот, а квалитетот на овој тим кој не успеавме да го видиме на ЕП, верувам дека ќе го покажат на Мундијалот. Следи Унгарија, која многу вложува во ракометот, а каде ги имаме Веспрем, Пик Сегед и Татабања последниве години и според мене тоа е едно од можните изненадувања на првенството. Норвешка игра квалитетен ракомет, а сега е еден од ко-организаторите и токму таквата улога може да биде додадена вредност за успех. Шведска – никогаш не е во главните фаворити, но е секогаш тука во борбата за висок пласман на големите натпреварувања. Хрватска предводена од Сигурдсон, кој со Јапонија не го постигна она што се очекуваше, сега со Хрватска има еден одличен состав со играчи кои играат во силни лиги. Во селекцијата е собрано најдоброто, со Мартиновиќ во одлична форма, искусниот Дувњак, кој го игра последното првенство и тие може да победат секого. Тоа го покажаа и на последниот пријателски натпревар кога ја „размонтираа“ Словенија. Шпанија не смееме никогаш да ја отпишеме, предводена од браќата Душебаеви, Де Варгас и сигурно ќе направат се за што подобро да котираат на СП. Ќе заокружам со африканска земја која игра одличен ракомет на светско ниво – Египет предводена од Шпанецот Хуан Пастор. Африкански шампион од 2020, 2022, 2024 година, предводен од Јахја Омар, Хешам, Хендави, Мохамед Санад… и останатите одлични играчи од нивната најдобра екипа Ал Ахли. Мислам дека Словенија на ова СП нема да блеска како на претходните големи натпреварувања, а истото го мислам и за Исланд со оглед на тоа дека Магнусон и Палмарсон нема да настапат и тоа ќе биде проблем за нив. Македонија треба да биде среќна што е меѓу трите екс-ЈУ земји која обезбеди настап. Ќе ја нема Србија, која и покрај сите обиди, вложувањата, на крај разочара, додека Црна Гора и БиХ имаат сериозни проблеми во Федерациите кои се одразуваат на резултатите на националните тимови.

ГРУПА А – ГЕРМАНИЈА, ЧЕШКА, ПОЛСКА И ШВАЈЦАРИЈА

Најизедначена група во прелиминарната фаза и ќе се води голема борба кој да се најде на првите три места. Германија е фаворит, иако не одигра добро на домашното ЕП, но со составот кој го има ветува дека може да цели високо. Чешка е во нагорна линија со Сабате на клупата, но тука е и Полска која многу вложува во ракометот – Келце и Висла Плоцк го потврдува тоа. Имаат добар тим воден од Шипжак, Гебала, Морито… Според мене овие три селекции имаат предност пред Швајцарија, која сега ја води Енди Шмид, кој капитенската лента ја замени со селекторска функција. Тешко ќе и биде на Швајцарија да се избори за пласман во следниот круг бидејќи остана и без еден од лидерите Зендер, кој се повреди на последниот подготвителен натпревар пред СП.

ГРУПА Б – ДАНСКА, ИТАЛИЈА, АЛЖИР, ТУНИС

Данска е трикратен светски првак во низа, актуелен олимписки шампион и главен фаворит во една од послабите групи. Тоа кажува доволно за неа! Италија приреди изненадување и ја мина Црна Гора во баражот, но јас имав можност еден – два месеци да престојувам во Италија и да видам од прва рака како се работи и колку одат напред, па истовремено и не е сензација што се на СП. Имаат и одлична група и со Тунис и Алжир може да се борат за пласман во вториот круг. Сметам дека Тунис и Алжир и покрај тоа што се водени од француски стратези нема да може да им парираат на европските селекции. Ќе биде интересно во оваа група да видиме кој ќе се најде на второто, а кој на третото место, а јас типувам на Италија и Тунис.

ГРУПА Ц – ФРАНЦИЈА, АВСТРИЈА, КАТАР, КУВАЈТ

Франција е апсолутен фаворит во ова друштво, иако како што претходно споменав во последните година Данска им го превзема приматот. Тоа сигурно дека ги боли Французите, кои ќе бидат во комплетен состав и не се сомневам дека ќе дадат максимум за да стигнат далеку. Без конкуренција се во групата за првото место. Австрија се соочува со големи проблеми по повредите на Билик и Божовиќ. Подготвителните дуели покажаа дека без овие двајца тимот не е ист и имаат среќа што е Кувајт во групата, па може да се надеваат на пласман понатаму. Катар предводен од за нас одлично познатиот Веселин Вујовиќ е неприкосновен азиски првак. Но, играчите се со „минат рок“, благо кажано ветерани и мислам дека ова натпреварување нема да го издржат физички. Сепак имаат квалитет за да се најдат во вториот круг. Кувајт е екипа која на СП доаѓа без значителен успех и се аутсајдери во групата.

ГРУПА Д – УНГАРИЈА, ХОЛАНДИЈА, МАКЕДОНИЈА, ГВИНЕЈА

Главен фаворит е Унгарија. Веќе споменав многу вложуваат, имаат квалитет и верувам дека може да се изненадување на првенството. Во своите редови ги имаат најдобрите пикери можеби во моментов и одлична одбрана. Квалитетен тим во целина предводен од Чема Родригез. Холандија со легендарниот Стефан Олсон на чело и со млади ракометари има селекција во подем, но игра со многу осцилации, а токму тоа го гледам како нивна слаба страна. Македонија има реални шанси за пласман во вториот круг, пред се поради тоа што ја имаме во друштвото Гвинеја која е петта селекција на својот континент. Со ракометари кои настапуваат во второлигашки клубови и француски селектор. Секако дека противникот не смее да се потцени, но колку за да се има подобра слика ќе споменат дека на пријателскиот меч со Египет загубија со 33:15, додека од Тунис беа поразени со 37:24. Мислам дека Македонија е некое скалило погоре. Истовремено мислам дека Македонија има шанса и за изненадување против Холандија и да атакува на уште повисоко место во групата.

ГРУПА Е – НОРВЕШКА, ПОРТУГАЛИЈА, БРАЗИЛ И САД

Битката за првото место во оваа група ќе ја водат Норвешка и Португалија. На Норвешка и давам предност како домаќин, но и поради фактот дека имаат силен мотив за висок пласман. Последните добри резултати им се од 2017 и 2019 кога освоија сребрен медал и од тогаш се во сенка. Португалија има одлична селекција во чии редови има и искусни играчи, но и млади надежи како Мартин и Франциско Коста, кои ги бара цела Европа. Бразил е тим чии главни играчи настапуваат во европски екипи, но тешко дека ќе им парира на Норвешка и Португалија. Што се однесува до Американците ќе кажам само дека преку оглас бараа да натурализираат ракометари во пресрет на СП, па не очекувам ништо од нив.

ГРУПА Ф – ШВЕДСКА, ШПАНИЈА, ЈАПОНИЈА, ЧИЛЕ

Шведска е тивок фаворит кој секогаш изненадува со играчи како Паличка на голот, Ване… Готфридсон е лидер, Сандел… Квалитетни играчи кои играат во силни европски лиги и поради тоа очекував да изненадат. Шпанија и големиот Жорди Рибера, по бронзата во 2023 година, сигурно дека сакаат посјајно одличје. Искусна, воиграна екипа со Де Варгас на голот, браќата Душебаеви, ќе има битка со Шведска за првото место. Јапонија досега ја вбројувавме како репрезентација која игра допадлив ракомет, но сега и не сум сигурен. Не знам што може да понуди откако во последен момент излезе информацијата дека бековите Јасухира и Јахида се откажаа од настап за националниот тим. Чиле е екипа која има постојан мундијалски пласман, но без никакво значење, аутсајдер кој нема што да бара.

ГРУПА Г – СЛОВЕНИЈА, ИСЛАНД, КУБА, ЗЕЛЕНОРТСКИ ОСТРОВИ

Словенија предводена од Зорман можеби во генералниот пласман не може да очекува многу, но во групата е фаворит и мислам дека ќе ја мине без проблеми. Тоа е максимумот. По бронзата во 2008 година кога ја предводеше Веселин Вујовиќ нема позначаен успех, но има стандардно добар тим, сега предводен од Алекс Влах. Исланд има сериозни проблеми поради повредата на Палмарсон и Магнусон, но имаат селекција за респект и со добри играчи и ќе се обидат да и парираат на Словенија за врвот. Куба и Зеленортски острови меѓусебно ќе одлучуваат кој ќе заврши на третото место.

ГРУПА Х – ЕГИПЕТ, ХРВАТСКА, АРГЕНТИНА, БАХРЕИН

Домаќинот Хрватска ќе води голема борба со Египет за првото место во групата! Хрватите се домаќини и веќе реков имаат имаат тим кој може да победи секого, а верувам дека ќе бидат инспирирани и големиот Дувњак да го испратат како што му доликува. Верувам дека мечот меѓу Хрватска и Египет ќе биде одличен за гледање. Аргентина по повлекувањето на браќата Симонет е значајно ослабена и минимални се шансите за изненадување против двата фаворити во групата, па ќе им остане единствено Бахреин за да се надеваат на место во главната рунда.