Амбициозниот тим на Охрид викендов во рамки од 2. коло од суперлигашката конкуренција ќе го одигра првиот домашен натпревар. Гостин во Охрид ќе биде незгодниот тим на Бутел Скопје, кој исто како и Охрид имаше победнички старт, го совлада Куманово со 29:12.
Тренерот на Охрид, Стевче Алушовски, ги истакна своите очекувања за саботното дерби и Бутел Скопје го гледа како опасен ривал.
,,Натпреварот против Бутел Скопје за нас ќе биде првиот натпревар пред домашната публика во новата сезона. Бутел Скопје е една млада, но опасна екипа, ги анализиравме и сме подготвени за соочувањето со нив. Сите играчи се здрави, ќе настапиме комплетно и за едно добро претставување во утрешниот натпревар, она што секогаш го барам од играчите е играта во одбрана и на тоа ќе го темелиме нашиот оптимизам во овој натпревар. Добра одбрана и лесни голови ќе биде задачата за натпреварот против Бутел Скопје”, изјави Алушовски.
Охриѓани доколку го совладаат Бутел Скопје, тогаш ќе имаат „два од два“ пред натпреварот со Прилеп и оној дерби дуел со Тиквеш во 4. коло.
,,Максимално го респектираме тимот на Бутел Скопје, иако се млада екипа, сепак, имаат квалитет, имаат добар тренер и мислам дека се тука некаде околу плеј-офот, ќе бидат еден од тимовите кои ќе се борат за пласман во плеј-офот. Ние одиме натпревар по натпревар, имавме среќа што во првите шест кола за противници ги немаме главните кандидати за титулата, а Тиквеш, исто како и во ланската сезона, ни е најголем конкурент за излез во Европа. За нас секој натпревар ќе биде приказна по себе и сѐ ќе се одлучува во последните два месеци од сезоната.
Дерби натпреварот меѓу Охрид и Бутел Скопје се игра утре со почеток во 20:00 часот во СРЦ „Билјанини Извори“.
Кузманоски: Охрид е фаворит, секој натпревар за нас ќе биде дерби
Крстевски: Бутел не е тим за потценување, мораме максимално да влеземе во мечот