Алушовски: Целите се секогаш излез во Европа

Тимот на Охрид со победа над Тиквеш со 29-24 го заврши настапот оваа сезона во суперлигашкиот плеј-оф и со освоеното четврто место по подолга пауза се враќа на европска сцена.

Домаќините имаа контрола во поголем дел од мечот, иако упорните кавадарчани се вратија во игра за позитивен резултат во вториот дел. Сепак кога требаше да притиснат, Охрид одигра подобро и на крајот заслужено славеше.

Тренерот на Охрид, Стевче Алушовски, натпреварувачката сезона 2023/24 ја оцени како успешна за неговиот тим.

,,Ова беше тежок натпревар, бидејќи е крај на сезона, немаше натпреварувачко значење за нас, но Охрид секогаш оди на победа, играчите веќе ги очекува една подолга пауза, јас им честитам на остварениот резултат за оваа сезона, благодарност и до Општината и градоначалникот, кои навистина ни обезбедија феноменални услови за работа, благодарност до менаџментот на клубот и стручниот штаб. Треба да бидеме задоволни, бидејќи Охрид се враќа на европска сцена. Сега ни претстои период, во кој ќе треба да се одмориме, да анализираме, да видеме каде грешевме и до година да бидеме еден добар репрезент во Европа”, изјави Алушовски.

Стратегот на Охрид истакна дека ростерот на Охрид за следната сезона е веќе затворен.

,,Ростерот за следната сезона е затворен, три играчи го напуштаат клубот, доаѓаат неколку нови имиња. Ќе биде макотрпна работа, но голем дел од ростерот останува, па ќе биде уживање да се работи. Целите се секогаш излез во Европа, знаете дека нашиот буџет е помал од буџетот на Вардар и Еурофарм Пелистер, екипи кои секогаш претендираат за врвот, Алкалоид кој направи одлични резултати во последните две сезони, така се гледам како еден од конкурентите за излез во Европа, сезоната е долга, ни претстои напорна работа во подготвителниот период, па после ќе планираме”, заврши Алушовски.

Охрид следната сезона повторно ќе има аспирации за пласман меѓу најдобрите пет екипи на домашна сцена.

Охрид со победа се „чекира“ за Европа