Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер го очекува тешко гостување во СРЦ „Билјанини Извори“ кај незгодниот Охрид.
Тренерот на битолчани, Раул Алонсо, вели дека имаат големи очекувања, дека тимот е во добра позиција, но дека се уште ништо не е освоено.
„Се подготвуваме натпревар по натпревар, знаејќи дека сме во добра позиција. Во октмври и ноември бевме во сосема поинаква позиција, но стигнавме до првото место и имаме бод предност. Но, тоа не значи ништо. Може да не ни биде предност и мора да бидеме претпазливи и да ја браниме првата позиција секоја недела. Видовме пред неколку дена против Тиквеш. Беше тешко да се победи, бидејќи нашиот ривал силно се бореше. По полниот со натпревари февруари и нешто помирен март, сега сме пак во натпреварувачки ритам. Имаме големи очекувања, но ништо не сме освоиле. Имаме еден бод предност, но и уште девет натпревари и ќе биде тешко уште в недела во Охрид“, вели Алонсо.
Шпанскиот стратег го знае квалитетот на противникот.
„Оваа екипа покажа пред седум недели дека се одличен тим, имаат супер-атмосфера во салата во Охрид, прават голем притисок и ова е еден од тимовите кои секогаш можат да победат против најдобрите. Го знаеме нивниот квалитет, ќе биде тешко, но знаеме и дека поседуваме квалитет. Сигурни сме во одбраната и имаме уште малку време да го подготвиме натпреварот“, продолжи Шпанецот.
„Чкембари“ ќе бидат и во Охрид да го поддржат омилениот тим.
„Секогаш сум среќен кога нашите навивачи нè бодрат насекаде. Откако сум во Битола ја чувствувам нивната поддршка, потребни ни се и нека продолжат така до крајот на сезоната“, заврши Алонсо.
Натпреварот меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер се игра вечерва со почеток во 18:00 часот во СРЦ „Билјанини Извори“.