Александар Јовиќ е нов тренер на тимот на Пролет и од понеделник ќе се појави на тренинзите, потврдија за 24Ракомет извори блиски до клубот. Поранешниот македонски репрезентативец кој сезоната ја почна на клупата на шампионот Еурофарм Пелистер ќе се обиде да го внесе Пролет во разигрувањето за титулата напролет.
Договорот меѓу скопскиот клуб и поранешниот репрезентативец и тренер на битолчани бил потврден уште пред два дена, но сепак дури денеска Јовиќ се договорил со управата на Еурофарм Пелистер за спогодбен раскин на договорот. Јовиќ во еден од најстарите македонски клубови доаѓа на местото на Алексо Лембанов, со кој Пролет се раздели пред неколку недели. Тимот на двата меча со Прилеп и Вардар го водеше Илија Темелковски, кој работи како координатор на сите екипи во Пролет.
Поранешниот македонски репрезентативец кој играчката кариера ја градеше низ Преспа Јафа Промет, Вардар, Еурофарм Пелистер, Металург, Загреб и Трст, веќе има завидно искуство и во тренерската кариера.
Таа ја започна во Автокоманда, најпрво како предводник во младинските екипи на Металург, седеше на клупата на Металург 2, му беше асистент на Лино Червар во првата екипа, а потоа беше и главен тренер. Работеше во школата на Стевче Алушовски, пред да се пресели во Битола.
Таму со Еурофарм Пелистер 2 во три наврати обезбеди место во плеј-офот за титулата во Супер лигата, а може да се пофали и со триумф над Вардар. Потоа заедно со Звонко Шундовски седна на клупата на првиот тим и ја донесе титулата во Битола по цели 18 сезони. По серијата порази на стартот на оваа сезона се раздели со битолчани.
Пролет има 15 бодови на четвртото место на табелата во групата Б од суперлигашкото друштво и се наоѓа на чекор до место во плеј-оф. Толку бодови има и Бутел Скопје, но со меч помалку, а Голден Арт му дише во врат на Пролет и има 13 бодови на петтата позиција, па меѓу овие три екипи ќе се бараат последните патници за плеј-оф фазата.