Охрид сигурен на свој терен, Аеродром парираше 20 минути

Ракометарите на Охрид со победата над Аеродром од 37:30 ја продолжуваат трката за втората позиција на табелата во групата А. Охриѓани со денешната победа се израмнија со Тиквеш, двете екипи сега имаат по 30 бода, но кавадарчани допрва треба да го одиграат натпреварот против Скопје од 13. коло.

Тимот на Алушовски во последното, 14, коло од регуларниот дел од суперлигашката конкуренција за ривал го има тимот на Скопје, додека Тиквеш на свој терен ќе го пречека вицепрвакот.

Аеродром, кој во спортската сала „Билјанини Извори“ беше формално домаќин, даде силен отпор во прите дваесетина минути. Тимот предводен од Дарко Петровски им создаваше многу проблеми на охриѓани во првиот дел, во неколку наврати имаа минимална предност, но по нерешените 10:10, избраниците на Алушовски се консолидираа и до крајот на полувремето беа во константна предност.

Охрид најпрво се одлепи на 14:11, ја зацврсти одбраната, се подобри реализацијата, па така фаворитот на овој дуел при финишот од првото полувреме со неколку мини серии успеа да го скрши отпорот на дебитантот. По 30 минути игра, резултатот беше 22:15 во корист за охриѓани.

На почетокот на вториот дел Охрид зголеми на 24:15 и на разлика од девет гола веќе беше решена дилемата околу победникот. Охриѓани во 38 минута со голот на десното крило Гал Цирар дојдоа до двоцифрена разлика, 28:18. До крајот на дуелот немаше поголема промена на резултатот, ракометарите на Аеродром само ја преполовија негативата и се изборија за поблаг пораз.

Најефикасни во победничката екипа беа Гал Цирар со седум и младиот Никола Шипинкоски со шест гола. Кај Аеродром стандардно листата на стрелци беше предводена од Наум Костов, кој воедно беше и најефикасен на натпреварот, имаше осум реализации.

ПозЕкипаНПРЛБ
1ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР22200260
2ВАРДАР 196122200260
3АЛКАЛОИД22200260
4ОХРИД22142644
5ТИКВЕШ 201422113836
6БУТЕЛ221201036
7ПРИЛЕП22731224
8ПРОЛЕТ22651123