АЕК Атина стана „бездомник“ – ракометарите не тренираат, одложено дербито со Олимпијакос!

Иако денеска требаше да се одигра дербито во грчкиот шампионат меѓу АЕК Атина и Олимпијакос, тоа е одложено, соопштија од тамошната федерација.

Салата „Гиоргиос Касиматис“, која е дел од олимпискиот комплекс ОАКА, каде што АЕК Атина ги игра домашните натпревари е затворена, нема да се користи за тренинзи и натпревари на неодредено време.

Инспекција утврдила дека покривот на објектот не е безбеден за гледачите и активните учесници, па ОАКА е затворена додека да бидат преземени соодветни мерки.

Најмногу погодени се ракометните и одбојкарските секции на АЕК, како и на Панатинаикос, а ракометарите не тренираат. Информацијата за затворањето на комплексот дојде како гром од ведро небо, па кратко е времето за реакција.

„Ние немаме каде да тренираме и да играме официјални натпревари. Искрено можам да кажам дека сме во голема опасност, и имаме сериозен проблем за учеството во лигата и во европските купови“, велат од ракометниот клуб.

За женската екипа на АЕК Атина од оваа сезона брани репрезентативната голманка на Македонија, Драгана Петковска.