Адамчески: Очекувањата се позитивни, целиме кон првите две места во плеј-аутот!

Ракометарите на Прилеп веќе извесен период активно работат за вториот дел од натпреварувачката сезона, односно за настапот во плеј-аут фазата, во која клубот ќе се бори да го сочува суперлигашкиот статус.

Според претходно изготвен план и програма, екипата во првата фаза од подготовките имаше комбинирани тренинзи во сала и фитнес сала, а во следниот период ќе следуваат неколку „контролки“.

Еден од најмладите членови во составот на Прилеп, Филип Адамчески, вели дека се работи максимално за да се оствари зацртаната цел за вториот дел од сезоната.

,,Тренираме со полна пареа, се трудиме секој тренинг да го одработиме максимално за да имаме позитивни резултати во вториот дел од сезоната. Ги насочуваме двата нови играчи кон нашиот систем на игра, ќе имаме неколку контролни натпревари во текот на подготовките, па ќе видиме како ќе се одвива сето тоа. Моите очекувања за вториот дел од сезоната се позитивни, ние целиме кон првите две места на табелата и ќе дадеме сѐ од себе да ги оствариме нашите цели. Во екипата пристигнаа две нови квалитетни засилувања, се вклопуваме заедно и мислам дека имаме квалитет да опстанеме во суперлигашкото друштво”, изјави Адамчески.

Левиот бек ги истакна своите очекувања и за настапот во младинскиот шампионат.

,,Нашиот младински тим е доста квалитетен, имаме одлични играчи на повеќето позиции, но за добра игра потребни се заеднички тренинзи кои што ги немаме. Половина тренираме со првата екипа. додека другата половина се кадети. Ги изгубивме шансите за пласман меѓу најдобрите шест екипи, но секако дека ќе се обидеме да постигнеме што подобри резултати во остатокот на сезоната”, заврши Адамчески.

Прилеп настапот во плеј-аут фазата ќе го започне со дуел против екипата на Скопје.