Сабате: Во Македонија ќе биде жешко, но ние одиме на победа и пласман на СП!

Репрезентацијата на Чешка на домашен терен во Злин успеа да одигра реми против Македонија, 24:24, во првиот бараж двомеч за Светското првенство следната година во Полска и Шведска.

Новиот селектор на Чешка, Хавиер Сабате, изјави дека е задоволен од резултатот на неговите избраници, со оглед на фактот дека во еден период од натпреварот Чесите имаа минус седум гола разлика.

„Имавме многу проблеми во нападот и во одбраната во првиот дел. Во вториот дел исто така не стартувавме добро, но потоа ја стегнавме одбраната. Имавме многу технички грешки и загубеи топки. Но мора да ја гледаме и позитивната страна. Мислам дека на крајот мора да бидеме задоволни со нерешениот исход. Во еден момент Македонија имаше седум разлика и ремито за нас е добро. Во Македонија ќе биде жешко, полна сала, се игра уште еден меч и ќе одиме на победа. Дури и да изгубевме, знаевме дека нема ништо да биде решено по овој натпревар“, вели Сабате.

Реванш средбата меѓу Македонија и Чешка се игра в недела во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 19:00 часот.