Екипата на Ваљадолид, во која настапуваат македонските интернационалци Димитар Димитриоски и Дарко Димитриевски, успеа да ја надигра Ла Риоха, која е учесник во групниот сегмент од Лигата на Европа.
Тимот предводен од екс тренерот на Вардар, Давид Писонеро, против амбициозната Ла Риоха славеше со четири гола разлика, 29:25.
Левото крило Димитриоски дуелот против Ла Риоха го заврши со 100% учинок, постигна два гола од исто толку обиди и одигра солидно во одбраната. Димитриевски не се запиша во листата на стрелци.
Меѓу најефикасните во победничката екипа беше поранешниот десен бек на Вардар, Жозе Толедо. Бразилскиот репрезентативец имаше пет реалзиации во мрежата на гостите.
Ваљадолид со новите освоени бода остана меѓу најдобрите пет екипи во Асобал лигата, моментално се наоѓа на 4. позиција со 10 бода, додека во водечката тројка се наоѓаат екипите на Гранољерс, Бидасоа и Барселона.
Следен предизвик за Ваљадолид е дуелот против незгодниот Пуенти Хенил, тим кој во досегашниот тек од сезоната оствари две победи.