Клубовите со предлог до Собранието на РФМ – да испаднат само две екипи сезонава!

Поради Ковид-19 ситуацијата, Ракометната федерација лани во април донесе одлука Суперлигата да се прошири на 14 екипи, односно 16 со Вардар и Еурофарм Пелистер, кои не играат во регуларниот дел.

Беше најавено и дека оваа сезона ќе испаднат дури шест екипи, па со сехалигашите Вардар и Еурофарм Пелистер во суперлигашкото друштво да има 12 екипи. Квалитетот можеби не се подигна којзнае колку, но имаше интересни натпревари, на кои не победуваа секогаш фаворитите.

Ракометните центри како Кавадарци, Богданци, Прилеп се вратија на сцена, вложија многу во клубовите и покренаа иницијатива за системот на натпреварување да остане ист и бројот на екипите во Суперлигата да остане 14. Ракометната федерација е на потег дали ќе го прифати ова барање на кое веќе се потпишаа скоро сите суперлигаши и прволигаши, или ќе остане на ставот дека ќе испаднат шест екипи.

Годишното изборно собрание на РФМ ќе се одржи в недела, па покрај сите точки кои ќе бидат на дневен ред, веројатно ќе се дискутира и за ова барање на екипите што играат за опстанок. Собранието е највисок орган и може да донесе одлука со која може да се смени првичната одлука.