Косоротов крена прашина во Полска: Висла го казни рускиот ас пред двомечот со Вардар!

Рускиот репрезентативец Сергеј Марк Косоротов се најде во центарот на внимание во Полска, откако неговиот автомобил бил фотографиран паркиран на место наменето за лица со инвалидитет.

Случајот предизвика бројни реакции на полските социјални мрежи. Според информациите објавени во полските медиуми, автомобилот е во сопственост на техничкиот партнер на Висла Плоцк, а возилото го користел рускиот лев бек.

По реакциите во јавноста, клубот разговарал со Косоротов и донел одлука да го казни ракометарот поради непрописното паркирање.

„Во врска со информациите што се појавија во медиумите за несоодветното паркирање од страна на Сергеј Косоротов, по разговорот со играчот Висла донесе одлука да го казни спортистот. Во име на клубот се извинуваме на сите кои се почувствувале навредени од ситуацијата и уверуваме дека ќе направиме сè за ваквите ситуации да не се повторуваат“, соопштија од Висла.

Од полскиот клуб, сепак, посебно реагираа на дел од коментарите насочени кон Косоротов поради неговата националност.

Висла ги осуди нападите врз својот ракометар по национална основа, нагласувајќи дека рускиот репрезентативец веќе со години е дел од тимот.

„Истовремено ги осудуваме нападите врз нашиот играч по национална основа. Сергеј веќе многу години е дел од нашиот тим и, како и останатите наши играчи, му се блиски истите позитивни вредности“, порачаа од клубот.

Косоротов е еден од позначајните играчи на Висла Плоцк, а клубот со овој случај стави до знаење дека непрописното однесување надвор од теренот исто така носи последици, но и дека нема да толерира напади врз своите играчи по национална основа.

Висла Плоцк загуби на гости кај Нант, а го победи дома Мелсунген, пред двомечот со Вардар на 8 и 15 октомври.