КАДЕТИ: Струга од „минус шест“ до победа во Автокоманда, Ѓорѓиевски постигна 18 гола за Преспа

Шест натпревари и вкупно 383 погодоци донесе почетокот на новата сезона во кадетската машка лига. Најголемиот пресврт го направи Струга во Автокоманда, Еурофарм Пелистер 2 минимално го совлада Пролет, додека неизвесно беше и на дуелот меѓу Македонија Ѓорче Петров и Гемиџии.

Првото коло ќе биде комплетирано утре со натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Тиквеш, кој е закажан за 19:30 часот во салата „Јасмин“ во Кавадарци.

Струга од „минус шест“ до 40 гола и победа во Автокоманда

Струга го направи најголемиот пресврт во првото коло и ги освои бодовите во Автокоманда со триумф од 40-34.

„Сино-белите“ одиграа одлично прво полувреме и непосредно пред паузата поведоа со 19-13. Струга намали на 19-14, но домашниот состав и на почетокот од вториот дел имаше шест гола предност, 21-15.

Гостите полека ја топеа негативата и во 43. минута израмнија на 25-25, а веднаш потоа првпат поведоа. По последните 27-27, Струга постигна четири гола во серија и се одлепи на 31-27, најавувајќи го конечниот триумф.

Матеј Ковачески и Горазд Ојлески постигнаа по десет гола за Струга, Петар Дуноски додаде шест, додека кај домаќините најефикасен беше Мартин Грашески со седум погодоци.

Еурофарм Пелистер 2 го доби трилерот со Пролет

Еурофарм Пелистер 2 славеше на гостувањето кај Пролет со минимални 28-27, во натпревар во кој ниту една екипа не успеа подолго да воспостави целосна контрола.

Битолчани подобро го отворија дуелот и поведоа со 2-0, а потоа имаа предност од 5-3 и 7-5. Пролет направи пресврт за 11-9, но гостите со два гола во финишот обезбедија 11-11 на паузата.

Домашниот состав на почетокот од вториот дел се одлепи на 15-11 и 17-13, но Еурофарм Пелистер 2 одговори со пет последователни погодоци за пресврт и водство од 18-17. Следуваше неизвесна игра гол за гол.

При 26-26 гостите постигнаа два гола во серија и поведоа со 28-26. Пролет до крајот успеа само да го постави конечниот резултат.

Филип Коцев постигна 12 гола за Пролет, додека победничкиот состав го предводеше Новак Вељановски со девет. Никола Лешникоски и Марко Спировски завршија со по пет реализации.

Владимир Иванов ја предводеше Македонија Ѓорче Петров

Тимот на Македонија Ѓорче Петров го доби неизвесниот натпревар против Гемиџии со 34-31, предводен од расположениот Владимир Иванов.

На полувремето беше 15-15, а израмнетата борба продолжи и во вториот дел. Гостите неколкупати имаа минимална предност, а последното израмнување беше забележано при 24-24.

Тимот од Ѓорче Петров потоа постигна три неодговорени гола за 27-24 и ја задржа предноста до крајот.

Владимир Иванов беше убедливо најефикасен со 14 погодоци, додека Теодор Гиевски постигна седум. Кај Гемиџии, Даријан Бобевски и Андреј Јакимовски реализираа по седум гола, а Бојан Мартинов шест.

Вардар одигра одлично само прво полувреме

Вардар беше рамноправен противник на Мулти Есенс во првите 30 минути, но домашниот состав доминираше во продолжението и славеше со убедливи 40-25. Но, првото полувреме покажа дека младите вардарци со новиот тренер играат одличен ракомет, и само поради немањето на „клупа за ротација“ не можеа да издржат во сите 60 минути.

„Црвено-црните“ во 28. минута поведоа со 12-11, а на паузата резултатот беше 13-13. Мулти Есенс го отвори вториот дел со серија од 4-0 за 17-13 и потоа постојано ја зголемуваше разликата.

Домашниот тим го доби второто полувреме со 27-12 и до конечните „плус 15“ стигна во самиот финиш. И покрај поразот, Никола Никчевиќ беше најефикасен на натпреварот со 12 гола. Петар Митев постигна девет за Мулти Есенс, а Горјан Петрушевски осум.

Младост го реши натпреварот уште во првото полувреме

Младост ја забележа најубедливата победа во досегашниот дел од колото, совладувајќи го Текстилец со 42-22.

По почетните 1-1, домаќините постигнаа девет последователни гола и поведоа со 10-1. На полувремето веќе беше убедливи 24-5, со што прашањето околу победникот беше целосно решено.

Текстилец одигра далеку подобро во продолжението и второто полувреме го загуби само со 18-17, но високата негатива од првиот дел не можеше да биде надоместена.

Стојан Иванџиков постигна 12 гола, Антонио Каракабаков 11, а Даниел Милановски девет за Младост. Кај Текстилец најдобар стрелец беше Давид Ангелов со седум погодоци.

Ниту 18 гола на Ѓорѓиевски не беа доволни за Преспа

Прилеп ја оправда фаворитската улога на гостувањето кај Преспа 2025 и славеше со 35-25, иако домаќините долго време беа во игра.

На полувремето беше 15-13 за Прилеп, а Преспа во 36. минута израмни на 18-18. Гостите потоа ја презедоа контролата, поведоа со 29-22 и во завршницата стигнаа до двоцифрена победа.

Виктор Ѓорѓиевски постигна неверојатни 18 од вкупно 25 гола на Преспа и моментно е најдобар стрелец на колото. Кај Прилеп се истакнаа Бојан Наскоски со десет и Марко Ивчев со седум погодоци.

По шесте одиграни средби, зад Ѓорѓиевски на листата на најдобри стрелци се Владимир Иванов со 14, како и Филип Коцев, Никола Никчевиќ и Стојан Иванџиков со по 12 гола.

Кадети, 1 коло, резултати:

група А
Алкалоид – Струга 34-40 (19-14)
Преспа – Прилеп 25-35 (13-15)
Пролет – Еурофарм Пелистер 2 27-28 (11-11)
Еурофарм Пелистер – Тиквеш, утре во 19:30 часот

група Б
Македонија Ѓорче Петров – Гемиџии 34-31 (15-15)
Мулти Есенс – Вардар 40-25 (13-13)
Младост – Текстилец 42-22 (24-5)
Куманово слоб.

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾