ЕХФ со порака: Скопје е подготвено да ја потсети Европа на македонскиот „пекол“!

По четири сезони, Вардар денеска повторно ќе заигра на домашен терен во Лигата на шампионите, а противник на македонскиот шампион ќе биде францускиот Нант.

Натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ започнува од 18:45 часот, а враќањето на Вардар во европската елита не помина незабележано ниту кај Европската ракометна федерација.

Од ЕХФ преку социјалните мрежи испратија порака пред денешниот спектакл и го најавија враќањето на добро познатата атмосфера во Скопје.

„Вардар се врати и Скопје е подготвено да ја потсети Европа како е во македонскиот пекол. Нант влегува во една од најгласните сали во Лигата на шампионите. Добредојдовте назад во Скопје“, објави ЕХФ.

За Вардар ова ќе биде прв натпревар во Лигата на шампионите по точно 1.630 дена на домашен терен, со што „црвено-црните“ повторно ќе почувствуваат како изгледаат европските вечери пред своите навивачи.

По гостинскиот натпревар со Мелсунген во првото коло, Вардар сега ќе има можност пред домашната публика да стигне до првите бодови во новата сезона од најелитното европско клупско натпреварување.

А СЦ „Јане Сандански“ вечерва повторно ќе биде местото каде што европските екипи ќе треба да се соочат со добро познатата „црвено-црна“ атмосфера.