Кристијан Дисингер продолжува да ја пишува својата необична ракометна приказна. Европскиот шампион со Германија од 2016 година досега има настапувано за дури 12 клубови во осум различни земји, меѓу кои беа Вардар и Македонија, а најновата дестинација во неговата кариера е Кувајт.
Со Вардар во 2019 година се искачи на врвот на Европа, откако македонскиот првак ги совлада големите Барселона и Веспрем на патот кон шампионската титула.
34-годишниот лев бек од летово настапува за Казма, а условите во оваа земја се нешто со кое досега не се соочил во својата богата кариера.
„Овде се 45 степени. До пред десетина дена имавме и 52 степени“, раскажува Дисингер во разговор за „Handball World“.
Дури ни прошетката до плажата во главниот град Кувајт Сити не носи вистинско освежување.
„Морето е околу 36-37 степени. И тоа не е баш пријатно“, вели низ смеа германскиот ракометар.
И покрај екстремните температури, Дисингер вели дека се чувствува добро во Кувајт. Ова е осмата земја во која настапува во текот на својата интернационална кариера. Претходно играше во Германија, Швајцарија, Македонија, Романија, Катар, Унгарија и Шпанија.
Во неговата кариера се најде и Атлетико Мадрид, но шпанскиот клуб банкротираше во 2013 година, пред Дисингер воопшто да го одигра својот прв официјален натпревар за тимот.
Финансиски и лични причини за преселбата
Дисингер открива дека понудата од Кувајт пристигнала во јули, а при донесувањето на одлуката важна улога имале и финансиските услови.
„Понудата од Кувајт дојде во јули. Финансискиот аспект е една работа и не сакам да го избегнувам тоа. Од друга страна, на сите места каде што играв стекнав прекрасни искуства покрај ракометот, кои ми го проширија личниот хоризонт“, вели Германецот.
И во Кувајт продолжува да стекнува нови искуства, иако морал да се навикне и на некои секојдневни работи кои за него се необични. Една од нив е храната, поточно лебот.
„Добар леб, таков каков што јас го сакам, овде тешко се наоѓа. Арапскиот леб исто така е вкусен, но е поинаков“, раскажува Дисингер.
Сепак, најголемата промена за него не се температурите или храната, туку целосно различниот дневен ритам.
„Мора да имате комплетно поинаков ритам, тоа е најголемата промена овде. Со тимот тренираме дури во 19 часот. Часовите пред тренингот некако мора да се пополнат. Тоа не е ништо страшно, но за професионален ракометар е невообичаено“, објаснува Дисингер.
Причината за доцниот термин на тренинзите е тоа што домашните ракометари преку ден имаат работни обврски.
„Затоа што домашните играчи мора да работат преку ден. Слично беше и во Катар“, додава тој.
Не размислува за крај на кариерата
Дисингер претходно настапуваше и во Катар, но тогаш успеа да ги избегне највисоките температури. Во 2023 година таму играше од март до јуни, период кога временските услови се нешто поблаги.
Засега не е познато каде ќе ја продолжи кариерата по истекот на едногодишниот договор со Казма. Сепак, едно е сигурно – Дисингер сè уште не размислува за пензија.
„Сакам да продолжам да играм. Не знам дали тоа ќе биде уште две, три или четири години. Но, сè додека уживам и додека телото ме служи, не размислувам за крај“, вели германскиот интернационалец.
Во иднина не ја исклучува ниту можноста за интересен проект во Германија.
„Во принцип ми е интересно заедно да се изгради нешто и притоа да го внесам моето искуство. Поради тоа, дефинитивно би можел да погледнам и кон јужниот дел на Германија“, открива Дисингер.
Оваа изјава отвора простор и за шпекулации околу можен ангажман во проектот на Минхен Пантерс, зад кој стојат поранешните германски репрезентативци Доминик Клајн и Штефен Вајнхолд.
Франција останува негова желба
Покрај Германија, постои уште една земја која особено го привлекува Дисингер.
„Бидејќи пораснав во близина на Франција, француската лига отсекогаш ме привлекувала. Кој знае, можеби некогаш ќе дојде до трансфер“, вели тој.
Без разлика дали некогаш ќе заигра во Франција или не, Дисингер вели дека е задоволен од начинот на кој се развива неговата кариера.
„Ако нешто научив во текот на кариерата, тоа е дека ништо не може да се испланира. Договорите се сè пократки, а трансфер-пазарот станува сè понеизвесен“, заклучува германскиот ракометар.
Од Германија до Швајцарија, Македонија, Романија, Катар, Унгарија, Шпанија и сега Кувајт – Дисингер продолжува да ја гради својата ракометна приказна, а на 34 години сè уште нема намера да стави крај.

























