Вардар се врати од минус пет, но остана без награда во Касел

Вардар се држеше на гостувањето во Германија, и малку му фалеше да освои барем бод на гостувањето кај Мелсунге, што домашните го добија со 33-31. На полувреме„црвено-црните“ имаа негатива од само еден гол.  Вардар остана без бодови на премиерниот настап во новата сезона од Лигата на шампионите, но во Касел покажа дека може рамноправно да се носи со силниот германски состав.

Вардар добро го отвори натпреварот во Касел и со погодокот на Вукашин Воркапиќ го презеде почетното водство. „Црвено-црните“ во неколку наврати имаа минимална предност, последен пат при 4-3 во шестата минута.

Мелсунген потоа ја зацврсти одбраната и со серија од 4-0 го сврте резултатот во своја корист за 7-4. Вардар не дозволи домаќинот да се одлепи и преку Леон Љевар и Воркапиќ се врати на 7-6.

Германскиот состав повторно стигна до три гола предност при 11-8, но македонскиот претставник остана во игра. Воркапиќ погоди за 11-10, а Љевар и Абделхак Мохаб го одржуваа Вардар во резултатски приклучок. Во последните секунди Воркапиќ го постигна својот шести гол и на паузата Мелсунген имаше минимално водство од 16-15.

Домаќинот подобро го отвори второто полувреме и поведе со 19-16. Вардар се обидуваше да го следи ритамот, но Мелсунген во 40. минута за првпат стигна до највисоки пет гола разлика – 25-20.

И покрај негативата, „црвено-црните“ не се предадоа. Вардар постепено ја топеше предноста, а по погодокот на Љевар во 51. минута се врати на само еден гол негатива – 28-27.

Мелсунген одговори со два гола за 30-27, но Вардар повторно се доближи преку Матео Фадуил и Љевар. На неполни три минути до крајот резултатот беше 31-29 и македонскиот претставник сѐ уште имаше можност за целосен пресврт.

Јоханес Гола погоди за 32-29, Јака Малус веднаш возврати за 32-30, но Рејнир Стефансон го постигна решавачкиот гол за германскиот тим. Гоце Георгиевски со звукот на сирената само го постави конечниот резултат од 33-31.

Вукашин Воркапиќ беше најефикасен во составот на Вардар со девет гола, Леон Љевар постигна седум, а Абделхак Мохаб пет. Јака Малус и Виктор Јанковски реализираа по три погодоци.

Кај Мелсунген по пет гола постигнаа Јоханес Гола и Флоријан Дростен, додека Рејнир Стефансон и Димитри Игнатов натпреварот го завршија со по четири погодоци.

Лига на шампиони, 1 коло:

група А
Веспрем – Порто 36-28
Партизан – Фуксе Берлин 33-44

група Б
Нант – Висла Плоцк 26-25
Мелсунген – Вардар 33-31

група Ц
Алборг – ПСЖ 33-33
Загреб – Целје 31-29

група Д 
ПИК Сегед – Кристијанштад 42-31
Спортинг Лисабон – ГОГ Гудме 44-33

група Е
Барселона – Скандерборг Архус 39-28
Динамо Букурешт – Монпелје 23-27

група Ф
Келце – Криенс Луцерн 30-29
Магдебург – Колстад 37-22