По четири години пауза, Вардар повторно е дел од европскиот крем! Македонскиот шампион се враќа во Лигата на шампионите, а новата сезона носи и нов формат, 24 екипи, шест групи и огромна борба за само 12 места во следната фаза.
Оваа сезона во елитата ќе гледаме дури 24 клуба, наместо досегашните 16. Секој тим во групната фаза ќе одигра шест натпревари, а првите две екипи од секоја група ќе обезбедат директен пласман во ТОП 12. Првиот „пресек“ доаѓа уште кон крајот на октомври, па секој бод ќе има огромна тежина.
А Вардар нема нималку лесна задача.
„Црвено-црните“ се сместени во групата Б, која се чини дека е најизрамнетата од сите шест групи. Покрај Вардар, тука се Мелсунген, Висла Плоцк и Нант – четири екипи кои имаат квалитет и амбиции да се борат за следната фаза.
Иако Вардар на хартија можеби делува како екипа со најмали шанси за ТОП 12 во оваа конкуренција, двократниот европски шампион сигурно нема да се задоволи само со учество во елитата.
Вардар во новата сезона влегува како освојувач на тројната круна во Македонија, но и како клуб со огромна европска историја. Титулите во Лигата на шампионите од 2017 и 2019 година се најголемиот доказ дека „црвено-црните“ знаат како се победуваат европските гиганти.
МЕЛСУНГЕН – ДЕБИТАНТ, НО НЕ И АУТСАЈДЕР
Мелсунген за првпат ќе игра во Лигата на шампионите, но германскиот клуб во елитата влегува со статус на актуелен победник на Европската лига. Тимот од Касел минатата сезона стигна до својот прв европски трофеј, а сега сака да направи уште еден чекор напред.
На клупата е Роберто Гарсија Парондо, човекот кој му ја донесе на Вардар титулата европски шампион во 2019 година. Шпанецот ќе ја води екипата уште една сезона, пред да замине во Пари Сен Жермен.
Мелсунген го задржа најголемиот дел од костурот на тимот, а дополнително се засили со Даниел Душебаев, швајцарскиот талент Лука Цигрист и, што е особено важно, со враќањето на Јоханес Гола, еден од најдобрите пивоти во светот. Тука е и добро познатото име за вардаровите навивачи – Данис Криштопанс.
ВИСЛА ПЛОЦК – ИСКУСТВО И АМБИЦИЈА
Тимот на Висла Плоцк е редовен учесник во Лигата на шампионите. Полскиот клуб ја започнува својата 19. сезона во елитното натпреварување и повторно има големи амбиции. Од клупата Висла Плоцк ја води Шпанецот Чави Сабате, кој влегува во својата деветта сезона на клупата.
Висла не направи огромен број промени во составот, но пристигнаа неколку интересни засилувања. Во одбраната ќе помага Ориол Реј Моралес, кој минатата сезона беше еден од клучните играчи на Охрид во походот кон трофејот во Европскиот куп.
Во составот се и имиња како Мелвин Ричардсон, Сергеј Косоротов, Герго Фазекаш, Зоран Илиќ, Миха Заребец и Митја Јанц, додека од ГОГ пристигна данското лево крило Фредерик Бјере.
НАНТ – ФРАНЦУЗИТЕ СО ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ
Нант, пак, влегува во новата сезона со изменет состав. Францускиот вицешампион остана без неколку важни играчи, меѓу кои Ајмерик Мин, кој замина во Фленсбург, како и легендарното лево крило Валеро Ривера, кој стави крај на кариерата.
Сепак, пристигнаа интересни засилувања – ИГор Турченко, Иманол Гарсијандија и Рене Антонсен, а на голот останува искусниот Хрват Иван Пешиќ.
На линијата останува капитенот Никола Турна, додека Гарсијандија треба да го надомести заминувањето на Жилиен Бос во Келце.
Меѓу оние ракометари што заминаа е и јапонскиот кружен напаѓач Шуичи Јошида, кој се пресели во Охрид.
ВАРДАР СО НОВ ЛИК
Македонскиот шампион во Лигата на шампионите ќе настапи со прилично изменет состав.
Во текот на летото имаше голем број заминувања, а пристигнаа Милан Бомаштар, Леон Љевар, Матео Фадуил, Мохаб Абделхак, Марко Ѓорчески, Никола Нечовски и Бобан Поповски.
Најголемата тежина во организацијата на играта повторно ќе биде кај Јака Малус, а ако се суди според подготовките, српскиот репрезентативец Вукашин Воркапиќ исто така ќе биде важна алка во нападот.
Големи очекувања има и од новиот голман Милан Бомаштар, кој дебитираше против Еурофарм Пелистер 2, но тука се Васил Гогов и Милош Валах, па Иван Чупиќ нема да има главоболки кога се голманите во прашање.
Вардар, сепак, загуби и важни играчи. Заминувањето на Дмитро Горига во ПИК Сегед е едно од позначајните, додека новиот бек Леон Љевар ќе има задача да ја пополни празнината.
„ЈАНЕ САНДАНСКИ“ ПОВТОРНО ЌЕ БИДЕ АДУТ
Една од најголемите надежи на Вардар ќе биде добро познатата атмосфера во „Јане Сандански“. Европските гиганти повторно ќе доаѓаат во Скопје, а вардаровите навивачи ќе имаат можност уште еднаш да гледаат Лига на шампиони во домашната сала. Токму поддршката од трибините може да биде клучна во група во која секој бод може да одлучува за пласманот во ТОП 12.
Вардар можеби е аутсајдер според прогнозите на ракометните стручњаци, но европската историја покажува дека овој клуб никогаш не треба да се отпише однапред.
КОИ СЕ ФАВОРИТИТЕ ВО ЛШ?
На врвот на листата на фаворити се Барселона, Магдебург, Фуксе Берлин, Веспрем и Алборг, додека веднаш зад нив се екипи како Мелсунген, Спортинг, Келце, Висла Плоцк, Нант, Монпелје, ПИК Сегед и ПСЖ.
Барселона во средината на јуни со доминантна игра во финалето го совлада Фуксе Берлин и се врати на европскиот трон, само една година откако остана без титулата. И оваа сезона каталонскиот гигант влегува со огромни амбиции и со состав кој повторно изгледа застрашувачки.
Тренерот Карлос Ортега непосредно пред почетокот на сезоната доби и голема награда од клубот – нов договор до 2031 година. Сепак, Барселона загуби двајца исклучително важни играчи.
Најкорисниот играч на Ф4 турнирот во Келн, Домен Макуц, замина во Кил, но Барселона веднаш најде замена во Дади Смарасон, кој пристигна од ПИК Сегед, а претходно настапуваше и за Магдебург. Уште поголем удар беше заминувањето на Емил Нилсен во Веспрем.
Неговото место го презеде уште еден врвен голман – Сергеј Ернандез, кој пристигна токму од Магдебург, а Дика Мем ја игра последната сезона во Барселона пред да се пресели во Фуксе Берлин.
Фуксе Берлин е двојно последователен вицешампион на Европа. Магдебург и Барселона не им дозволија на „лисиците“ да испишат историја во Келн, но сега германскиот клуб ќе ја има третата шанса да стигне до европската круна.
Сепак бундеслигашот делува ослабен во споредба со претходните сезони бидејќи замина Дејан Милосављев, а го немаат ниту еден од најдобрите стрелци Ласе Андерсон. Замена за Милосављев е ветеранот Паличка, но прашање е колку тој може добро да го замени српскиот голман.
Првата ѕвезда и понатаму е Матијас Гидсел, убедливо еден од најдобрите, ако не и најдобар ракометар во светот. Данецот е човекот околу кого се врти целата игра на „лисиците“.
Веспрем оваа сезона доби огромно засилување меѓу стативите. Во Унгарија пристигна Емил Нилсен од Барселона, еден од најдобрите голмани во светот, и токму тој треба да биде една од најголемите сили на унгарскиот шампион.
Покрај Нилсен, ново име во тимот е Бенце Имре, кој ќе ја зголеми конкуренцијата на десното крило со Французинот Јанис Лен. Недим Ремили треба да биде ударната иглла на тимот, додека голем товар во нападот ќе имаат и Иван Мартиновиќ, Ахмед Хешам и Иго Деска, а тука се Лука Циндриќ и Стефан Додиќ…
Не треба да се заборави ниту на Магдебург предводен од Гисли Кристијансон, кој заедно со Феликс Клар формира еден од најопасните бековски тандеми во Европа. Тука се Омар Инги Магнусон, како и Магнус Саугструп, кој ќе доминира на линијата.
На голот ќе стојат хрватските репрезентативци Доминик Кузмановиќ и Матеј Мандиќ, по заминувањето на Портнер и Ернандез.
Лудилото во Лигата на шампионите може да почне!
Лига на шампиони, 1 коло:
група А
09/09, 18:45, Веспрем – Порто
10/09, 18:45, Партизан – Фуксе Берлин
група Б
09/09, 20:45, Нант – Висла Плоцк
10/09, 20:45, Мелсунген – Вардар
група Ц
09/09, 18:45, Алборг – ПСЖ
09/09, 18:45, Загреб – Целје
група Д
10/09, 18:45, ПИК Сегед – Кристијанштад
10/09, 20:45, Спортинг Лисабон – ГОГ Гудме
група Е
09/09, 20:45, Барселона – Скандерборг Архус
10/09, 18:45, Динамо Букурешт – Монпелје
група Ф
09/09, 18:45, Келце – Криенс Луцерн
10/09, 20:45, Магдебург – Колстад























